Дигиталната технологијата може да ги поедностави процесите и да го зајакне ангажманот со заедницата

4 Апр 2025

Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) продолжува да ги јакне граѓанските организации на теми кои придонесуваат кон нивно ефикасно и ефективно делување. Овој пат, фокусот беше ставен на дигиталната трансформација како една од клучните области на Стратешката агенда на ЕУ 2024–2029 година. Работилницата со граѓанските организации на оваа тема се одржа онлајн на 02 и 03 април 2025 година.

На оваа работилница учесниците го зголемија своето знаење и вештини за трите видови дигитална трансформација насочени кон внатре, кон надвор, како и двонасочната дигитална трансформација. Од алатките за тимска соработка и водење на проекти посебно внимание се посвети на управување со проекти и тимови; споделување документи; и платформи за внатрешна комуникација. Повеќе информации за овие алатки се достапни на: https://bit.ly/4fYmM5P

Screenshot 2025 04 02 104511

Понатаму, учесниците беа запознаени со: алатки за управување со податоци и ресурси, алатки за
автоматизација на процесите, алатки за обука и развој на вештини, алатки за управување и дигитални политики, а потоа поделени во групи имаа можност практично да ги пробаат овие алатки во однапред зададени сценарија. При практичната работа учесниците требаше да избираат дигитални алатки кои би биле најсоодветни за решавање на проблемите во сценариото, а потоа во пленарка да ги презентираат и дискутираат избраните дигитални решенија.

Во текот на оваа работилница учесниците стекнаа теоретски и практични знаења и од областите за дигитално застапување и изградба на дигитално присуство преку социјални медиуми, дигитални решенија на основ на социјални иновации, дигитални алатки за фандрејзинг и контакт со поддржувачи, а во последната сесија имаа можност практично да се запознаат со начинот како да ја започнат дигиталната трансформација во нивните организации.

По завршување на работилницата учесниците го изразија своето задоволство од темите кои беа опфатени на истата.

Обуката беше корисна и информативна, нудејќи вредни информации и увид во новите технологии и стратегии што ќе помогнат за ефективно управување со дигитализацијата во нашата организацијата“ изјави Маида Халими од Форумот за разумни политики од Скопје 

Темите беа релевантни, а дискусиите корисни за разбирање на предизвиците и можностите што ги носи дигиталната транзиција и за Ноли Османи, претседател на Здружението Регионален Центар за Одржлив Развој и Иновација РЕСЕТ ХАБ Дебар:

Сесиите опфатија клучни теми зошто е потребна дигиталната трансформација, алатки за управување со тимови и проекти, како и стратегии за дигитално застапување и присуство на социјалните медиуми. Секој од овие сегменти понуди вредни информации и покажа како технологијата може да ги поедностави процесите и да го зајакне ангажманот со заедницата“ рече тој, истакнувајќи ја интерактивноста како особено корисен дел од оваа работилница: “Особено ми се допадна интерактивниот пристап, каде што учесниците споделуваа искуства и најдобри практики, правејќи ги сесиите практични и инспиративни. Дигиталната трансформација не значи само усвојување на нови алатки, туку и промена на начинот на размислување и создавање култура на иновации во организациите. “

Интересот за јакнење на капацитетите од оваа област граѓанските организации го пријавуваа на јавен повик, а пред работилницата имаа задача да го проследат онлајн видеото поставено на Академијата на ГРЦ: Обука за дигитална трансформација на граѓанските организации - ГРЦ. По работилницата, со сите заинтересирани граѓански организации ќе се спроведат и менторски активности на оваа тема.

Работилницата беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар