Граѓанскиот ресурсен центар ја објави новата алатка за самооценка на комуникациските практики на граѓанските организации. За околу 20 до 30 минути вашата организација ќе добие оценка за осум области од комуникациите, опис на нивото на развиеност и насоки за следните чекори.
Со самооценката ќе добиете реална слика за тоа како вашата организација ги планира, спроведува и следи своите комуникации, со какви ресурси располага и со кои предизвици се соочува. Вашите одговори ќе ни помогнат да ја видиме и пошироката слика за комуникациите на граѓанските организации.
Секое прашање нуди пет описи на практика, почнувајќи од почетното па сè до напредното ниво. Така уште додека одговарате ќе видите каде се наоѓа вашата организација и како изгледа следното ниво. Можеби ќе откриете и работи за кои досега не сте размислувале.
Прашалникот содржи 40 прашања во осум области. Тоа се ресурсите за комуникации, комуникациската стратегија, веб-страницата и е-поштата, социјалните медиуми, аналитиката и евалуацијата, платеното рекламирање, вештачката интелигенција и дигиталните алатки и односите со јавноста.
Описите на практика се надоврзуваат еден на друг, па повисокото ниво ги подразбира елементите од пониските. Изберете го описот што најточно ја опишува сегашната практика на вашата организација, а не посакуваната или планираната. Ако практиката е помеѓу два описа, изберете го пониското ниво. Под прашањата има поле во кое можете да ја опишете практиката со коментар, а тоа не влијае врз оценката.
Не постојат точни и погрешни одговори. Ниската оценка не значи дека организацијата работи лошо. Многу организации работат со ограничени ресурси, а токму тоа сакаме да го документираме.
Веднаш по пополнувањето ќе ги добиете вкупната оценка, оценките по области и описот на нивото на развиеност, на екран и на вашата е-пошта. Резултатите ќе ви покажат во што е силна вашата организација и каде и со мали промени може да направи голем чекор напред.
Пожелно е самооценката да ја пополни лицето кое најдобро ги познава комуникациите на организацијата, по можност во консултација со раководството. Ве молиме пополнете една самооценка по организација.
Вашето учество е важно. Збирните резултати ќе покажат како комуницираат граѓанските организации, со какви ресурси располагаат и каква поддршка им е потребна. Учеството е доброволно и можете да прекинете во секој момент. Резултатите ќе се објавуваат само во збирна форма, без податоци според кои може да се препознае организацијата.
Ако имате потреба од менторска поддршка за комуникациски практики за вашата организација, пријавете се на [email protected].




