Често поставувани прашања
Управување со граѓанска организација и организациски развој
– Која е постапката за основање на здружение?
Согласно на одредбите од Законот за здруженија и фондации (Службен весник на РМ бр. 52/10) здружение можат да основаат најмалку пет основачи (физички и правни лица), а тројца од основачите мора да имаат живеалиште или престојувалиште, односно седиште на територијата на Република Македонија. Здружение на граѓани може да основаат и малолетни лица со навршена 15-годишна возраст преку изјава за согласност за основање на здружение од нивниот законски застапник, за целите за кои се основа здружението во согласност со закон.
Здружението се основа на основачко собрание, на кое се донесува акт за основање, програма, статут и се избираат органите на здружението.
Здружението треба да се регистрира во Централен регистер на Република Македонија.
Повеќе информации како и урнеци за документите за основање на здружение се достапни на: https://www.nvosorabotka.gov.mk/?q=node/35
Законска рамка за граѓанските организации
- Како да регистрираме вистински сопственик?
Граѓанските организации согласно Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, имаат обврска да поседуваат и чуваат податоци за својот вистински сопственик и истите да ги внесат во Регистарот на вистински сопственици.
Уписот во регистарот на вистински сопственици се врши електронски преку Централниот регистар и може да го извршите самите (доколку поседувате дигитален сертификат и кориснички налог на страницата на ЦР) или тоа можат да го сторат и други лица кои ги имате овлaстено преку системот на администраторот.
Уписот во регистарот на вистински сопственици може да го направите на следниот линк:
Доколку уписот на вистински сопственик го направите во рок од 15 дена од уписот на основање/настаната промена на вистинскиот сопственик, услугата е бесплатна, но доколку се надмине овој рок предвиден е упис со надомест согласно Тарифата на Централен Регистар. https://www.crm.com.mk/mk/za-tsrrsm/osnovni-informatsii-za-institutsijata/tarifa
- Според Законот за здруженија и фондации, имаме право да спроведуваме економски активности, но, дали тоа треба да е регулирано со Статут, или доволно е што е излистано во членот за финансирање на здружението? Ние, на пример, имаме наведено дека може, меѓу другото, здружението да остварува средства и од „провизии од органи, организации, заедници и од други услуги“ и „и од други услуги (имотни права и слично)“… дали со овие две точки ги „покриваме“ економските активности или треба специфично да се наведе во Статутот, и ако да, која би била соодветната формулација?
Зборуваме за два различни случаја:
- Организирање на самото социјално претприемаштво во форма на непрофитна граѓанска организација
- Дополнување на социјалните цели на граѓанската организација со поврзани дејности
Во првиот случај целите и дејноста треба да се поврзат при основањето и јасно да се каже кои се дејностите и евентуално како последно да оди „други поврзани дејности“Во вториот доволно е во делот за остварување приходи во статутот да се вклучи реченицата од Законот за здруженија и фондации „други дејности поврзани со целите утврдени со Статутот“
- Дали треба да се основа фирма за социјалното претпријатие? Дали може здружението да биде основач на фирма? На кој начин? Дали треба основачки влог во таа постапка (зашто малку здруженија од помалите можат да си дозволат да имаат пари надвор од проектите финансирани од донатори, а тие се обично строго наменски)…?
Не мора. Дејноста на социјалното претпријатие може да се извршува и во здруженија и фондации. Но ако влезете во трговско друштво правилата се од ЗТД и основна главнина мора да има.
- Дали би можеле да ни ја опишете постапката за формирање на социјално претпријатие во рамки на здружение (и/или од страна на здружение)?
Самото здружение треба да стане социјално претпријатие како една варијанта или трговско друштво како втора. Во суштина излегувате на пазар, наоѓате сегмент каде сметате дека ќе допринесете пред се со влијание на заедницата а не со личен профит, работите по пазарни услови и со даночна регулатива каква што е без значајни олеснувања.
Идејата е дека самиот социјален аспект ќе ви даде пазарна предност и ќе овозможи донации.
На линкот е листа на вакви потфати во Велика Британија: https://www.socialenterprisemark.org.uk/directory-certified-social-enterprises/
Во веста (ако не е лажна) би била пример како тоа може да изгледа: https://off.net.mk/vesti/svet/300000-romanci-izgradija-bolnica-od-30-milioni-evra
- Дали има некакви олеснувања за социјалните претпријатија? На што можеме да сметаме?
Од аспект на даноци и инспекции во моментов не. Стандардните олеснувања за непрофитен сектор кои во пракса не се покажаа баш (1 милион неоданочив плус 1% од вкупен приход често е поголемо од 10% данок на добивка).
- Дали може здружение или фондација да извршува дејност со која се остварува добивка?
Да, со ограничувања.
Прашањето е регулирано со член 12 од Законот за здруженија и фондации каде се дозволува вршење дејност од која може да се оствари добивка, но во услови на севкупна непрофитност на организациите, односно членот 12 има четири става:
- Организациите не можат да се основаат за стекнување со добивка
- Организациите можат да вршат дејности со кои може да стекнат добивка, ако дејноста е поврзана со целите утврдени со статутот;
- Ако во работењето на организациите се оствари добивка, таа мора да биде употребена за остварување на целите утврдени со статутот;
- Остварената добивка од ставот 3 на овој член не може да се распредели меѓу основачите, членовите, членовите на органите, директорите, вработените или кое било друго лице поврзано со нив. Основното ограничување е основањето за цели кои не се поврзани со стекнување добивка.
Добивката може да се употреби за финансирање на сите редовни активности на организацијата, вклучувајќи трошоци за редовни плати на вработените.
- Кога организацијата остварува добивка од профитна дејност и со какви даноци се оданочува?
Добивката е разликата помеѓу приходите и расходите од дејноста под услов приходите да се поголеми.
Според член 4-а од Законот за данок на добивка (Службен весник на Република Македонија бр. 112/14, 129/15, 23/16, 190/16 и 248/18) здруженијата на граѓани, фондациите, сојузите како и секој организациски облик на странска организација, како и друга форма на здружување, регистрирани согласно со Законот за здруженија и фондации, не се обврзници за данок на добивка.
Како неоданочиви приходи за организациите се сметаат: приходите од членарини, доброволни приходи, донации, грантови, подароци (во пари, добра, имотни права), завештанија, легати, приходи од дивиденди од трговските друштва основани со средства на здружението, и приходите од Буџетот на Републиката, буџетот на единиците на локалната самоуправа и Буџетот на Град Скопје врз основа на претходно изготвени програми (проекти) одобрени од Владата на Република Македонија, односно надлежните министерства, советите на единиците на локалната самоуправа и Советот на Град Скопје.
Меѓутоа според истиот член, организациите кои остваруваат приходи од вршење стопанска дејност во рамките на нивното непрофитно делување, заради избегнување нелојална конкуренција со субјектите на кои добивката остварена од вршење стопанска дејност им се оданочува, стануваат обврзници за пресметување и плаќање данок на вкупен приход, доколку вкупниот годишен приход од стопанска дејност е поголем од 1.000.000 денари.
- Статусот на здружението во тековна сметка е „неактивен“. Како да се промени статусот на здружението во активен?
Вашиот статус на неактивна организација е поради неподнесени годишни завршни сметки, односно изјава дека организацијата има помал буџет од 2.500 евра во денарска противредност годишно до Централен регистер на РМ. Имено, согласно законот за Сметководство на непрофитни организации и Законот за здруженија и фондации, секоја организација е должна најдоцна до 28 февруари наредната година, да поднесе завршна сметка до ЦРМ. За да го промените статусот во активен, потребно е за сите изминати години да поднесете завршна сметка, или доколку сте немале буџет, да поднесете потврда дека во изминатата година (за сите поединечни потврди ќе треба) сте имале буџет помал од 2.500 евра во денарска противредност. Во локалната канцеларија на ЦРМ може да ве информираат како точно треба да гласи потврдата, односно потврдите за секоја измината година.
Финансирање и финансиски можности за граѓанските организации
– Каде можам да добијам повеќе информации за отворени повици за финансирање на граѓански организации?
Во рамки на активностите на Граѓанскиот ресурсен центар, на месечно ниво се прави преглед на финансиски можности за граѓански организации. Истите се достапни на: https://rcgo.mk/pregled-na-mozhnosti-za-finansiranje-na-go/
– Како организациите можат да стекнат средства за финансирање?
Согласно на член 48 од ЗЗФ, организациите средствата за финансирање ги стекнуваат од членарини, основачки влогови, доброволни прилози, донации, подароци (во пари, добра, имотни права) завештанија, легати, дејности со кои се стекнува добивка, кирии и закупнини, како и приходи од инвестиции, дивиденди, камати, заеми и други приходи во согласност со закон и со статутот.
Видливост на ГО, односи со јавноста и социјални медиуми
Односи Влада и граѓански организации
- Информации за контакт од мрежата на државни службеници задолжени за соработка со граѓанските организации
Контакти од лицата задолжени за соработка со граѓанските организации се достапни на веб-страницата на Одделението за соработка со невладини организации на: http://www.nvosorabotka.gov.mk/sites/default/files/dokumenti/Mreza_naDSza_sorabotka_soNVO2017azurirana_21.5.2018.doc
- Информации за контакт од членовите на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор
Контактите од лицата кои се членови на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор се достапни на веб-страницата на Одделението за соработка со невладини организации на: http://www.nvosorabotka.gov.mk/sites/default/files/za_web_clenovi_na_Sovetot.doc
Политики на ЕУ и други донатори поврзани со граѓанските организации
Во моментов нема НПП во оваа категорија
Административно и финансиско работење на ГО
- Дали треба како здружение да имаме/издаваме фискални сметки? На пример, сме имале порано изработка на накит од ситни монистра како еден вид „окупациона терапија“ за корисниците, но не сме ги продавале, освен кога некој би ја посетил организацијата, па ги видел и побарал да си купи – како поддршка за организацијата, и, инаку тоа било ставено во посебна каса за да набавиме монистра и други материјали за работа… И, иако е тоа ситна работа, сепак, постои можност за организациите да изработуваат ситни предмети и да ги продаваат, ако за ништо повеќе – за да се обновува материјалот за изработка на нови… Дали може такви да се поставуваат на пазар, саеми и слично? Како да се регулира дека е нешто продадено/купено? Освен да се постави само како кутија за донации, што од друга страна ограничува дека изработките ќе бидат соодветно платени..? Тоа е „на црно“… има ли опција да се изведе да не биде така?
Да, факт е дека законот не оставил можност за повремени активности во непрофитниот сектор кои вклучуваат продажба со наплата во готови пари да се изземат од набавка на фискални апарати. Но факт е и дека пазарџиите требаше па немаат фискална опрема.
Не би требало да биде проблем во случај на повремена продажба на настани. Но, ако се организира во форма на постојана активност, особено со одвоен продажен или работен простор, фискалниот апарт мора да се има заедно со сите соопштенија за барање фискална сметка согласно законот.
Кутиите за донации не го исполнуваат условот од Законот „ промет на добра и промет на услуги за кој плаќањето не се извршува по банкарски пат“ кој ја прави фискалната опрема задолжителна. Така да со соодветни интерни контроли и регистрирање на донациите не би требало да има проблем додека не станат големи износи. (над милион да речеме)
- Дали може здружението да издава фактури? На пример, да се нудат обуки за некоја тема каде имаме експертиза, или да се организираат настани за други физички или правни лица, и истите да се наплаќаат со фактура?
Секако да, може. Во рамки на статутот дејност е дозволена. За дејноста и извршена услуга или продадено добро се издава фактура. Фактура или договор исто се издава за продажба на основни средства да речеме.
- Како може граѓанска организација да го регистрира својот донаторски проект во базата на Секретаријатот за европски прашања при Владата на Република Македонија?
Сите проекти/донации во Република Македонија финансирани со неповратни парични средства од странски донатори (грантови/донации) се регистрираат во Централната база на податоци за странска помош при Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Македонија. Субјектот задолжен за спроведување на проектот ја спроведува оваа постапка со доставување на следната документација до Архивата на Секретаријатот за европски прашања, во вид на официјално Барање:
- Барање за регистрација на проектот во ЦДАД (образец НИПАКС/ЦДАД 2.1 – преземи Барање) – целосно пополнето, потпишано и заверено со печат од спроведувачот на проектот
- Копија од Договорот за донација/финансирање, склучен помеѓу корисникот или субјектот за спроведување на проектот (спроведувачот), и странскиот донатор (или негов овластен претставник), вклучувајќи ги и сите евентуални Анекси кон тој договор.
- Копија од целокупната проектна документација, вклучувајќи го и Буџетот на проектот (или само Проектно резиме + буџет, доколку се работи за многу обемни инфраструктурни проекти, со голем обем на проектна документација).
- * Список на долгорочни странски експерти, кои се (или ќе бидат) ангажирани во проектот. (* – доколку е применливо)
- Пропратно писмо во кое ќе стои содржината на предметот кој се поднесува со цел регистрација на проектот во ЦДАД базата, називот на проектот за кој се бара регистрација/продолжување на регистрацијата на проектот во ЦДАД базата и образложение во врска со тоа дали предметот се однесува на регистрација на проект или продолжување на веќе постоечка регистрација на проектот во ЦДАД базата.
Дополнителни корисни информации во врска со оваа Постапка може да најдете на: http://www.sep.gov.mk/content/?id=97#.W4fShrixWpQ
- Како да се напише барање за спонзорство до бизнис организација?
Барањето за спонзорство е документ којшто треба да содржи: основни податоци од барателот на спонзорството, вклучително и банкарски податоци; информација за барањето (зошто се бара спонзорството – која е целта, кои/какви активности ќе се спроведат, кој е очекуван резултат, колку вкупно средства се потребни…).
Оваа област е регулирана со Закон за донации и спонзорства во јавните дејности (https://rcgo.mk/wp-content/uploads/2018/10/Zakon-za-donacii-i-za-sponzorstva-vo-javnite-dejnosti.pdf) , како и во Упатството за спроведување на Законот издадено од здружението „Конект“ http://konekt.org.mk/newsite/wp-content/themes/Konekt/pdf/upatstvo-za-sproveduvanje-na-zakonot-za-donacii-i-sponzorstva.pdf
Вмрежување и градење партнерства
- Потребни ни се листи на активни организации?
Бази на податоци на активни организации се достапни на следните линкови:
Друго
Во моментов нема НПП во оваа категорија