Правда, заштита, одговорност: Јавна средба за пристапот до правда за жените жртви на насилство

20 Ное 2026

Среда, 25 ноември 2026, 11:00–13:00 часот
Граѓански ресурсен центар, Скопје

На 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, започнуваат 16-те дена активизам против родово базирано насилство. И оваа година има жени кои го загубија животот и жени кои секојдневно се соочуваат со последиците. Затоа, 25 ноември не е ден за прослава, туку ден за одговорност.

Со таа обврска пред себе, Граѓанскиот ресурсен центар ги отвора 16-те дена граѓански активизам за овој системски проблем со јавна средба посветена на едно прашање: „Што итно треба да се промени за жените кои трпат насилство да добијат соодветна заштита и правда?“

Државата ја ратификуваше Истанбулската конвенција во 2017 година, а во 2021 година донесе Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Со измените и дополнувањата на Кривичниот законик во 2023 година, родово базираното насилство доби јасна правна рамка и построги санкции, а фемицидот го предвиде како тешка форма на убиство.

Сепак, патот од пријавата до пресудата е долг и неизвесен. Во 2025 година рекордни 4.745 жени пријавиле семејно насилство во полиција. Многу од нив наидуваат на пречки во проценката на ризикот, навремените мерки за заштита, трошоците и траењето на судските постапки, како и во пристапот до услуги надвор од големите центри.

Оваа година повторно загубивме жени. Некои од нив и откако претходно пријавиле насилство. Во сеќавање  на сите нив, средбата ќе започне со едноминутно молчење. Потоа ќе разговараме за она што не смее да чека: што мора итно да се промени во практиката и кои конкретни чекори треба да ги преземат институциите и организациите.

Говорници:

  • проф. д-р Наташа Габер-Дамјановска, експертка
  • Савка Тодоровска, Национален совет за родова рамноправност
  • Елена Гаговска, новинарка
  • Кристина Дода, Институтот за човекови права

Во првиот ред ќе биде поставена празна портокалова столица, резервирана за жената која беше спречена да дојде. Таа ги симболизира жените убиени во фемицид или замолчени со насилство и ќе остане празна во текот на средбата. Присутните ќе можат на неа да ги остават напишаните предлози и одговори на прашањето: „Што би ѝ помогнало на жена во нашата заедница да добие поддршка и правда?“

Во знак на почит кон повикот на Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство за мораториум на свечени и протоколарни настани, средбата нема да има свечен дел.

Извештајот со препораките од средбата ќе биде објавен на 10 декември 2026 година, Денот на човековите права.

Пријави го своето учество на настанот

Пријава за учество на настан

Средбата е дел од проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија а спроведуван од Граѓанскиот ресурсен центар во партнерство со Македонски центар за меѓународна соработка, Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ Гостивар и Медиа плус Штип.