Прашањата со кои секоја организација континуирано се соочува во текот на својот раст и развој се поврзани со тоа како да процени во кои области ѝ е потребно организациско јакнење? Кои се областите во кои организацијата работи добро и има предност во однос на другите, а каде не функционира доволно добро и треба да се подобрува? Еден од начините тоа да се процени е спроведувањето на оценки и самооценки преку кои организациите ги преиспитуваат своите капацитети и можности за развој.
Со цел граѓанските организации да го идентификуваат својот капацитет и отпорност за да бидат компетентни, ефикасни, ефективни и отчетни независни чинители, во рамки на проектот: “ЕУ поддршка за ГРЦ – фаза 2“, Граѓанскиот ресурсен центар подготви Инструмент за самооценка на организациските капацитети. Овој инструмент е наменет за инспирација и водење на организациите во откривање на нивните организациски состојби во десет категории: (1) Стратешки менаџмент, (2) Проектно работење, (3) Управување и структура, (4) Човечки ресурси, (5) Организациски вредности, посветеност и култура, (6) Администрација и финансии, (7) Медиуми и односи со јавност, (8) Соработка и партнерства, (9) Капацитети за застапување и (10) Капацитети за испорака на услуги. Последните две категории се опционални и оценката за овие две категории не влегува во збирната оценка за вашата организација.
Препорачуваме самооценката да се прави преку партиципативен процес во кој ќе бидат вклучени законскиот застапник или лице што тој/таа ќе го определи, заедно со лицата одговорни и релевантни за категориите што се оценуваат. На пример категорија 7 ја оценува законскиот застапник заедно со лицата одговорни и релевантни за медиуми и односи со јавноста. Препорачуваме оценките и коментарите со образложение зошто така сте се оцениле да се ставаат врз основа на претходно направена дискусија во групите формирани за оценка на различните категории. Важно е на секое прашање да дадете коментар/образложение зошто така сте се оцениле (особено ако сте помеѓу две оценки), бидејќи на тој начин најдобро ќе придонесете кон јакнење на вашата свест за реалните потреби за развој на вашата организација.
При развивање на Инструментот за самооценка беа земени предвид Интегрираниот организациски модел (Integrated Organisation Model-IOM), алатките за самооценка на капацитетот на Мекензи (McKinsey Capacity Assessment Grid) и прилагодената алатка за организациска проценка направена од македонската канцеларија на проектот Техничка поддршка за граѓанските организации (ТАКСО), како и други релевантни методологии и алатки за самооценка на граѓанските организации.
Важно е да се напомене дека резултатите од оваа алатка ќе покажат како организацијата се гледа самата себе во горенаведените десет категории. За добивање на што поцелосна и пореална слика за состојбите, организацијата треба да го земе предвид и тоа како другите актери однадвор, ја гледаат и оценуваат. Затоа, покрај овој инструмент за самооценка, како и други инструменти и алатки за самооценка во други категории и области кои се релевантни специфично за самата организација, организациите треба да користат и алатки за оценка на состојбите од страна на надворешни актери и конституенти на организацијата.
Ве информираме дека ГРЦ нема јавно да ги објавува индивидуалните резултати од самооценката по организација, ниту да ги споделува со други организации или чинители. ГРЦ може јавно да ги објавува сумираните резултати од самооценката на одредени временски интервали. Објавените сумарни резултати од самооценката ќе дадат слика за тоа каде организациите сметаат дека имаат потреба од јакнење на нивните капацитети, кои се нивните јаки, а кои слаби страни. Јавно објавените сумарни резултати може да бидат употребени од страна на различни чинители кои работат во областа на поддршка и развој на граѓанското општество.
За било какви прашања поврзани со самооценката, ве молиме обратете се на: info@rcgo.mk.
Ви посакуваме успех при самооценката на вашите организациски капацитети!