И децата за почиста животна средина

16 Сеп 2025

На 13 септември 2025 година, во Градскиот парк во Виница се одржа завршниот настан на проектот „И децата за почиста животна средина“, под мотото „Игри без граници 2025“. Настанот претставуваше вистински празник на детската креативност, енергија и еколошка свест.

Преку забавни еко-игри, изработка на цртежи, креативни активности и интеракција, учениците кои беа дел од претходните активности на проектот ги споделија своите пораки за заштита на природата и презентираа дел од наученото. Повеќе од 200 деца и нивните родители од Кочани и Виница активно учествуваа во настанот, создавајќи атмосфера на радост, заедништво и колективна одговорност за животната средина.

Проектот „И децата за почиста животна средина“ во изминатите девет месеци го реализираа здруженијата „Еко Тим Исток“ од Кочани и „Детелина“ од Виница. Нивната цел беше преку едукативни, практични и забавни активности да ги поттикнат младите, училиштата и граѓаните да се вклучат во грижата за почиста и поздрава средина.

Имено, преку овој проект беа реализирани:

  • четири работилници со над 300 учесници – ученици од четири основни училишта од Кочани и Виница;
  • Настава во природа на Пониква со 50 ученици и нивни наставници – ментори;
  • Натпревар за најдобар еко проект меѓу училиштата;
  • Училиштата активно селектираат и собираат отпад – хартија и пластика. До сега се соберени над 500кг отпад;
  • Реализирана континуирана кампања за подигање на јавната свест преку Facebook и Instagram.
  • Спроведени два социјални предизвици – „Засади дрво“  и „30 дена без пластика“ во кои учествуваа граѓани од сите возрасни групи од Виница и Кочани.

Со овие активности проектот придонесе не само за подигнување на свеста кај децата и младите, туку и за поширока мобилизација на локалната заедница, докажувајќи дека малите чекори можат да донесат големи промени.

„И децата за почиста животна средина“ е проект спроведуван од Здружение за екологија и заштита на животната средина ЕКО ТИМ ИСТОК од Кочани во партнерство со Здружение за единствени приказни Детелина Виница. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2”  финансиран од Европската Унија.