Чувството на исполнетост по успешна акција, стекнувањето нови вештини и искуства, тимската работа, желбата да се помогне на некој друг на кој помошта најмногу му е потребна, активниот пристап кон животот се дел од причините за волонтирање што младите ги наведоа на настанот „Волонтирањето како животен стил”. Овој онлајн настан беше одржан на 5 декември од 18:00 часот по повод Светскиот ден на волонтерството а во организација на Црвениот Крст на Република Северна Македонија, Општинска организација Кисела Вода и Граѓанскиот ресурсен центар.
Покрај краткото предавање за волонтерството, над 40 млади од Скопје имаа можност во групи да дискутираат за придобивките и мотивацијата да се стане волонтер. Младите исто така дадоа свои идеи за тоа како да го зголемиме бројот на волонтери а споделија и искуства што ги стекнале во текот на нивното волонтирање.
На настанот, младите имаа можност да слушнат и како тие можат подобро да се грижат за себе и за своето ментално здравје како и за останатите во нивниот живот.
Спроведувањето на настанот беше поддржано од Граѓанскиот ресурсен центар, проект финансиран од Европската Унија а спроведувам од Македонски центар за меѓународна соработка, во партнерство со Медиа плус од Штип и Асоцијација за демократки иницијативи АДИ од Гостивар.