Граѓанскиот ресурсен центар продолжува со организирање отворени денови низ државата, со цел да биде поблиску до граѓанските организации и да обезбеди директна поддршка на локално ниво. На 12 јуни, одржа средба со локалните организации во Радовиш, создавајќи простор за непосредна комуникација, размена на искуства и дискусија за предизвиците и можностите за развој на граѓанското општество на локално ниво.
Регионалниот експерт за Југоисточниот плански регион, Столе Георгиев, ги информираше присутните за советодавната и менторската поддршка што ќе им биде достапна на организациите од регионот, додека Валентина Величковска, извршна директорка на Граѓанскиот ресурсен центар, ги презентираше актуелните состојби во граѓанското општество, можностите за негов понатамошен развој, како и програмите за јакнење на организациските капацитети и достапните можности за финансирање.
Во рамки на отворената дискусија, учесниците разговараа за потребите и предизвиците со кои се соочуваат локалните организации, при што беше нагласена важноста идната поддршка да биде прилагодена на реалните потреби на организациите во регионот.

Позитивните реакции на учесниците ја потврдија вредноста на ваквите средби.
Георги А. Кочев од Центарот за заштита на културното наследство „Самун и Кадинка“ од Радовиш истакна дека ваквите иницијативи претставуваат значаен придонес за етаблирање на граѓанскиот сектор како важен корективен и едукативен фактор во општеството. „Исклучително позитивно ги оценуваме иницијативите за одржување на заеднички состаноци на невладиниот сектор, чија заедничка цел е етаблирање во општествениот живот како важен корективен и едукативен фактор. Особено е значајно што ваквите активности се поддржани од домашни и меѓународни партнери кои придонесуваат за развојот на граѓанскиот сектор преку едукативна, логистичка и финансиска поддршка“, изјави Кочев.
Кристијан Трајчов нагласи дека ваквите средби се особено значајни за развојот на организациите. „Средбите од ваков тип секогаш се добредојдени за невладините организации, бидејќи претставуваат одлична можност за зајакнување на нивните капацитети, размена на знаења и искуства, како и за воспоставување нови партнерства и вмрежување. Тие придонесуваат за подобра соработка, развој на нови иницијативи и поефикасно справување со предизвиците во граѓанскиот сектор“, истакна Трајчов.

На придобивките од услугите што ги нуди Граѓанскиот ресурсен центар се осврна и Оливер Бојаџиев од ГКЦ „КРЕА“ – Радовиш. „Советодавните услуги, менторската поддршка и можностите за јакнење на капацитетите што ги нуди Граѓанскиот ресурсен центар се исклучително корисни за локалните организации. Ваквата поддршка им помага поуспешно да ги планираат и реализираат своите активности, да ги унапредат своите капацитети и поефикасно да ги исполнуваат своите функции во интерес на заедницата“, истакна Бојаџиев.
Позитивно искуство од настанот сподели и Евгенија Донева од АДМЕЛИОРА, која ја нагласи важноста од директната соработка со регионалниот експерт. „Отворениот ден претставуваше корисна можност за непосредна комуникација, размена на информации и запознавање со поддршката што ја нуди Граѓанскиот ресурсен центар. Особено ја поздравуваме можноста за директна соработка со регионалниот експерт за граѓанското општество. Веруваме дека неговото присуство на терен и менторската поддршка ќе бидат значајна придобивка за организациите во процесите на јакнење на нивните капацитети, развој на нови иницијативи и создавање одржливи партнерства“, изјави Донева. Таа додаде дека ваквите средби придонесуваат за поголема поврзаност на локалните организации, поттикнуваат размена на знаења и искуства и отвораат нови можности за заедничко делување во интерес на локалните заедници, изразувајќи очекување ваквите активности да продолжат и во иднина.
Настанот беше организиран во рамките на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Фондацијата Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Асоцијацијата за демократски иницијативи – Гостивар и Медиа Плус – Штип.




