По трагичниот настан во дискотеката „Пулс“, атмосферата во општината е длабоко погодена – како кај граѓанските организации, така и кај сите жители. Во таа насока, Мобилниот ресурсен центар на ден 24.12.2025 организираше средба со граѓанските организации и граѓаните во Кочани, со цел да се отвори простор за дијалог, поддршка и заедничко делување.
Целта на средбата беше локалните организации, претставниците на општинската администрација, млади активисти и волонтери, претставници на бизнис заедницата што соработуваат со граѓанските организации и граѓаните воопшто, да се информираат за актуелните случувања за развој на граѓанското општество на национално ниво, можностите за финансирање и јакнење на граѓанските организации, можностите што ги нуди Граѓанскиот ресурсен центар и други теми и прашања кои се од интерес за функционирањето на организациите на локално ниво.
Граѓанските организации се двигатели на граѓанското општество, а нивната улога е особено важна во моменти кога заедницата се соочува со предизвици. На средбата се разговараше за тековните состојби, потребите и можностите за подобрување на граѓанскиот ангажман.
Граѓанскиот ресурсниот центар бил и ќе остане отворен за соработка, нудејќи поддршка со ресурсите со кои располага. Присутните едногласно истакнаа дека во Кочани недостасува култура на граѓанска иницијатива и активно учество. Иако постојат активности, тие често се соочуваат со слаб одѕив и недоволна вклученост на граѓаните, рекоа тие. Во таа насока беа и клучните заклучоци од средбата: дека е потребно континуирано вложување во развој на граѓанскиот ангажман, а иницијативите треба да бидат поттикнати од самите граѓани, со акцент на самоиницијативноста.

Сепак, има и позитивни примери. Во текот на 2025 година Локалниот младински совет – Кочани активно работи на поттикнување на младинскиот активизам, особено по трагедијата во дискотеката „Пулс“. Членовите имаат спроведено истражување за потребите на младите и нивното справување со последиците, со цел да се обезбеди поддршка и да се поттикнат позитивни промени во заедницата. Заклучокот е дека закрепнувањето е сложен процес кој бара континуирана работа од најрана возраст и вклучување на различни служби за постојана грижа за младите.
За младите е неопходна посебна поддршка преку развој на програми кои ќе ги мотивираат да се вклучат. Спорадичните активности можат да се претворат во паметна промена доколку се надградат со стратегија и континуитет.

Заедничкиот заклучок е дека граѓанското општество во Кочани има потенцијал, но му е потребна постојана поддршка, мотивација и создавање на култура на учество. Во таа насока, Граѓанскиот ресурсен центар ќе продолжи да биде партнер и ресурс за сите организации и граѓани кои сакаат да придонесат за позитивни промени во заедницата.
Овој настан беше организиран во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар




