Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество на средба со организациите во Куманово

7 Окт 2026

На 1 октомври 2026 година претставници на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество се сретнаа со граѓанските организации и активистите од Североисточниот регион. Средбата беше посветена на улогата, работата и соработката со Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како значаен механизам за унапредување на дијалогот меѓу институциите и граѓанските организации.

Со воведно обраќање присутните ги поздрави Ахмет Јашаровски од Центарот за ромска заедница ДРОМ Куманово, заменик член на Советот за областа култура. За улогата и работата на Советот зборуваа Никица Кусиникова од Здружението Конект – Скопје, претседателка на Советот, и Валентина Величковска, членка на Советот за областа развој на граѓанското општество.

Тие ја претставија Програмата за работа на Советот за 2025–2026 година, донесена во септември 2025 година. Во овој период Советот е фокусиран на давање мислења по закони и политики значајни за граѓанското општество, меѓу кои измените на Законот за здруженија и фондации, новиот Закон за социјални претпријатија, Законот за донации и спонзорства во јавните дејности. Како клучен приоритет беше истакнато унапредувањето на системот на државно финансирање на граѓанските организации, вклучително и трансформирање на Кодексот на добри практики за финансиска поддршка на здруженија на граѓани и фондации во правно обврзувачки акт и иницијативата за воспоставување гарантен фонд. Советот, исто така, го следи спроведувањето на Владината стратегија за соработка со и развој на граѓанското општество 2025–2028 и посебно внимание посветува на подобрување на комуникацијата и редовните консултации со организациите низ сите плански региони. Програмата е динамичен документ кој може да се дополнува врз основа на потребите и предлозите на граѓанските организации.

Во отворената дискусија што следеше, организациите отворено зборуваа за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневната работа и дадоа конкретни предлози за подобрување.

Најмногу внимание доби прашањето за финансирањето. Учесниците посочија дека донаторите честопати поставуваат високи критериуми, кои не се во сразмер со малите износи што се доделуваат. Особено тешка е положбата на новооснованите организации, кои речиси немаат можност да дојдат до средства, бидејќи повеќето повици бараат организацијата да постои најмалку една или повеќе години. Беше истакнато и дека средствата за организациите, како од општинските буџети, така и од централниот буџет, се доделуваат нетранспарентно. Организациите изразија загриженост и за отсуството на одговорност за непотизам, оценувајќи дека е потребна вистинска реформа на системот.

Поврзано со ова, учесниците укажаа дека политизацијата е многу подоминантна на локално ниво и дека таа значително влијае врз можностите за работа на организациите во помалите средини. Како дел од решението беше предложено општините да воспостават програми за финансирање на граѓанските организации, но и да им делегираат дел од надлежностите, со што организациите би станале вистински партнери во обезбедувањето услуги за граѓаните.

Конкретен предлог беше даден и во однос на Законот за бесплатна правна помош. Организациите сметаат дека спроведувањето на законот треба да се подобри и институциите да објавуваат повици преку кои граѓанските организации би можеле да обезбедуваат бесплатна правна помош согласно законот.

Учесниците ја нагласија и потребата од поголема видливост на граѓанските организации, како и од поддршка на локално ниво. Во таа насока беше предложено отворање ресурсен центар во Куманово, покрај постојните ресурсни центри во Скопје, Штип и Гостивар, кој би бил поблиску до потребите на организациите од Североисточниот регион. Притоа беше истакнато дека проектот веќе има ангажирано регионална експертка, Жаклина Цветковска, која обезбедува поддршка на терен за организациите од Североисточниот регион.

Дискусијата заврши со загрижувачка констатација: дел од организациите оценија дека невладиниот сектор изумира, граѓанскиот активизам се намалува, волонтеризмот е во опаѓање, а ентузијазмот за работа е сè помал. Овие оценки уште повеќе ја потврдија потребата од отворен дијалог и систематска поддршка за граѓанското општество, особено надвор од главниот град.

Предлозите и забелешките од средбата ќе бидат доставени до Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како придонес кон натамошната работа на Советот и подобрувањето на поддршката за граѓанското општество.

Средбата заврши со неформално дружење, кое на учесниците им овозможи размена на искуства, вмрежување и зајакнување на соработката меѓу локалните организации.

Овој настан е организиран во рамките на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Граѓанскиот ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Асоцијацијата за демократски иницијативи АДИ од Гостивар и Медиа плус од Штип.