Повик за учество на работилница за стратешко планирање за граѓански организации

15 Апр 2026

Граѓанскиот ресурсен центар ги поканува граѓанските организации да учествуваат на дводневна, практична и интерактивна работилница за стратешко планирање, која ќе се одржи на 5 и 6 мај 2026 година во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје.

Стратешкото планирање е важна основа за развојот на секоја организација. Тоа не само што помага во јасно поставување на визијата, приоритетите и насоките на дејствување, туку претставува и клучна појдовна точка за креирање издржани проектни идеи и подготовка на квалитетни проектни предлози. Кога организацијата има јасна стратешка рамка, полесно ги препознава потребите, ги дефинира целите и планира активности што водат кон реални и одржливи резултати.

На оваа работилница, учесниците ќе имаат можност да го унапредат своето знаење за клучните елементи на процесот на стратешко планирање, да работат на анализа на внатрешната состојба на организацијата и надворешното опкружување, како и да се запознаат со практични алатки што можат веднаш да ги применат во својата работа.

Преку практични вежби, дискусии и размена на искуства, учесниците ќе работат на:

  • анализа на внатрешни капацитети и надворешно опкружување;
  • формулирање визија, мисија и стратешки цели;
  • утврдување организациски приоритети;
  • подготовка и користење формати за изработка на стратешки план;
  • поврзување на стратешките приоритети со развој на проектни идеи и подготовка на проекти.

Кому е наменета работилницата?

Работилницата е наменета за претставници на граѓански организации кои се вклучени во стратешко планирање, мониторинг, евалуација и учење, управување со програми и/или организациски развој.

Предуслов за учество

За учество на работилницата, потребно е кандидатите претходно да ја проследат онлајн обуката Стратешко планирање за граѓанските организации, достапна на онлајн Академијата на Граѓанскиот ресурсен центар.

За подобро планирање на времето, имајте предвид дека за следење на онлајн обуката се потребни најмалку 6 дена од денот на регистрацијата, бидејќи обуката се состои од 3 модули во видео формат, кои се добиваат на секои два дена. Секој модул е со времетраење од околу 20 минути.

Бројот на учесници е ограничен.

Проектот ги покрива патните трошоци, во висина на автобуски билет, и сместување за учесниците што не се од Скопје.

Пријавување

Пријавете се најдоцна до 27 април 2026 година со пополнување на пријавата.

Пријавувањето заврши.

Оваа работилница е дел од проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Национална фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Асоцијацијата за демократски иницијативи од Гостивар и Медиа плус од Штип.