Покана за консултации за Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество и Акцискиот план 2025-2028

19 Мај 2025

Одделението за соработка со невладините организации на Генералниот секретаријат на Владата во партнерство со проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2”, финансиран од Европската Унија, ги покануваат претставниците на граѓанските организации, релевантните државни органи, како и сите заинтересирани лица на онлајн консултации за новата Стратегија на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество, со Акцискиот план 2025-2028. Консултативната средба ќе се одржи на 23ти мај 2025 година од 11:00 до 13:00 часот на платформата ЗООМ.

На консултациите ќе биде презентирана и дискутирана петтата Стратегија на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество, подготвена врз основа на пристигнатите предлози од граѓански организации и работата на работната група формирана за таа намена. Граѓанските организации и другите учесници ќе имаат можност да дадат мислење, коментари и дополнувања на Предлог-Стратегијата и Акцискиот план.

Предлог-Стратегијата предвидува низа активности и мерки за создавање на поволна средина за функционирање и развој на граѓанското општество како што се унапредување на системот на државно финансирање на граѓанските организации, подобрување на правната рамка за донации и спонзорства во јавните дејности за олеснување на донирањето кон граѓанските организации, создавање на поттикнувачко правно окружување за социјално претприемништво, унапредување на правната рамка за здруженија и фондации итн. Втората приоритетна областа на Предлог-Стратегијата се однесува на зајакнување на соработката и партнерството меѓу граѓанските организации и јавните институции преку спроведување на мерки како што се: унапредување на процесот на консултации и учество на граѓанските организации во креирање, спроведување, следење и оценување на јавните политики, зајакнување на партнерството во процесите поврзани со европската интеграција како и континуирано работење на независен, репрезентативен, оперативен и ефективен Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество.

Доколку сте заинтересирани да се вклучите во консултациите, ве молиме регистрирајте го вашето учество со пополнување на формата:

Пријава за учество на консултативна средба

Линк за вклучување на онлајн консултациите ќе биде пратен до сите пријавени учесници на 22 мај 2025.

Прилог: