Локалните активисти од општина Јегуновце покажаа голем интерес за можностите кои ги нуди Граѓанскиот ресурсен центар

2 Дек 2025

На 28-ми ноември 2025, проектниот тим спроведе посета на Мобилен ресурсен центар (МРЦ) во општина Јегуновце. Средбата беше остварена во просториите на Општинското ОУ „Александар Здравковски“, каде локалните организации и активистите од оваа општина имаа можност да се информират за актуелностите за развој на граѓанското општество на локално и национално ниво, можностите за финансирање и јакнење на граѓанските организации, можностите што ги нуди Граѓанскиот ресурсен центар, ЕУ агендата и други теми и прашања кои се од интерес за функционирањето на организациите на локално ниво. Посетите на Мобилниот ресурсен центар имаат за цел Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) да се доближи до локалните организации во различните општини и региони и да поразговара за потребите и предизвиците со кои се соочуваат организациите во своето работење.  

Дел од присутните ги споделија своите искуства во учество на разни проекти и покажаа голем интерес за можностите кои ги нуди ГРЦ, особено за редовното информирање за тековни повици и настани, како и за бесплатните он-лајн обуки кои се достапни на ГРЦ Академијата, а дел од нив посебно го истакнаа значењето на одржување на МРЦ во помалите општини. „Јегуновце е зафрлена општина во однос на случувањата во граѓанското општество и затоа потребни се вакви средби за граѓаните да бидат информирани и вклучени“ истакна Метин Муареми од Центарот за образование и развој-Теарце.

Директорката на училиштето ОУ „Александар Здравковски“ Николина Мишовска, која беше присутна на оваа средба, истакна дека ваквите средби претставуваат голема мотивација за нив како мала општина и со искрена благодарност ја поздрави оваа активност на ГРЦ.

Во рамки на оваа посета на Мобилниот ресурсен центар беше остварена средба и со градоначалникот на општина Јегуновце, Димитар Костадиноски на која се разговараше за граѓанското општество, кое за жал во оваа општина е на незавидно ниво, но, и за можностите кои ги нуди општината за младите и досегашното нивно искуство во учество на повици на ЕУ проекти.

Во општината има Комисија за општествени односи, Комисија за односи меѓу заедниците, како и Комисија за еднакви можности меѓу мажите и жените. Со цел заинтересираните граѓани и активистите од оваа општина да се обратат до локалниот граѓански сектор, на официјалната општинска веб страна посебно се истакнати граѓанските организации од оваа општина со Лице за контакт и контакт податоци за секоја посебно.

Соработката и поддршката на граѓанските организации во оваа општина се реализира во рамки на  ЛЕР. “Во програмите за локален економски развој се предвидуваат средства  во износ од 60.000 денари кои ќе бидат наменети за одржување на други градби и трансфери до НВО кои се грижат за подршка на локалниот развој за издавање на информативен материјал и трошоци за публикации со кои се промовира економскиот потенцијал на општината“ се вели во јавно објавениот Граѓански буџет за 2025 г. на оваа општина.

Посетата на Мобилниот ресурсен центар беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.