Жените ги обликуваат приоритетите на заедницата

23 Јул 2025

Во општините Кичево и Гостивар — Југозападниот и Полошкиот плански регион — се одвива значајна трансформација во насока на унапредување на родовата еднаквост и граѓанското учество. Жените, особено оние од руралните средини, сè поактивно се вклучуваат во креирањето на локални политики и решавањето на проблемите во заедниците.

Оваа промена се реализира преку проектот „Гласот на жените од руралните средини” спроведуван од Здружението на жени фармери Моја Фарма Гостивар, во партнерство соИнститут за едукација, стратешки истражувања и анализи – Рурал Тинк, Кичево. Проектот се спроведува во периодот јануари – септември 2025 година и има за цел да ги засили капацитетите на општините за родово одговорно програмирање и истовремено да овозможи директно вклучување на граѓаните, особено жените, во процесите на донесување одлуки поврзани со локалниот развој и социјалната заштита.

Преку родови анализи, јавни дебати, документи за јавни политики и родово-одговорни форуми, проектот успеа да воспостави мост помеѓу институциите и заедниците, креирајќи основа за поинклузивни и праведни локални политики.

Проектниот тим  реализираше родова анализа на три програмски документи во двете општини:

  • Програма за локален економски развој
  • Програма за социјална заштита
  • Програма за родова еднаквост

Анализата утврди јасни области каде родовата перспектива недостига и служи како основа за два документи за јавни политики. Преку визуелни материјали и инфографици, резултатите беа презентирани пред јавноста, со цел да се поттикне свесност и институционална реакција.

Двата организирани родови форуми станаа платформи каде над 70 граѓани ги изразија своите ставови, предлози и предизвици. Присуството и активноста на жените од руралните средини беше особено значајна, а токму нивните изјави помогнаа во дефинирање на шест граѓански иницијативи — по три за секоја општина.

Резултати што оставаат трага:

  • Утврдени капацитетите на општините за родово одговорно програмирање преку работата на Комисиите за еднакви можности.
  • Активно вклучување на граѓаните во процесите на локално одлучување.
  • Зголемена свест за родова еднаквост и социјална инклузија, со посебен фокус на жените од маргинализирани заедници.

Иницијативите кои произлегоа од форумите ќе бидат промовирани во наредниот период, при што фокусот ќе биде ставен на јакнење на информираноста и практичната примена на родово одговорно буџетирање.

Овој проект е пример за тоа како граѓаните — пред сè жените — можат да станат директни носители на промени. Преку инклузија и дијалог, локалната демократија добива ново лице: она кое го одразува гласот на заедницата.

„Гласот на жените од руралните средини” е проект спроведуван од Здружението на жени фармери Моја Фарма Гостивар, во партнерство со Институт за едукација, стратешки истражувања и анализи – Рурал Тинк, Кичево. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2”  финансиран од Европската Унија.