За менструална правда

16 Јул 2025

Зголемено знаење за менструалното здравје, подобрени ставови кон менструацијата и намалување на менструалната стигма беа целите на работилницата одржана на 11 јули 2025 година со средношколките од општина Кичево. Работилницата беше последна од вкупно 36-те работилници одржани во Кичево и Битола на оваа тема.

“Оваа последна работилница ја посветуваме на рефлексија на процесот што ни донесе многу искуства, емоции и вистински разговори со девојки од различни заедници“ рече Љубинка Симјаноска – Кацеска, претседателка на здружението “Саншајн кидс“ од Кичево. “Поддршката од Граѓанскиот Ресурсен Центар не беше само финансиска, таа значеше доверба, простор и поттик за отварање на теми кои долго време биле игнорирани и маргинализирани. Благодарение на Вашата поддршка, успеавме да допреме до девојчиња и момчиња воедно и заедно да почнеме да ја менуваме реалноста“, додаде таа.

Работилниците се дел од проектот “За менструална правда“ кој има за цел справување со менструалната сиромаштија кај средношколките преку обезбедување образование, ресурси и поддршка. Активностите на проектот се насочени кон создавање на инклузивно опкружување каде што сите индивидуи, без оглед на нивниот социјален или економски статус, можат да ги остварат своите права во врска со менструацијата и да добијат поддршка и информации кои им се потребни за да се чувствуваат безбедно и достоинствено во текот на менструалниот циклус.

“Менструацијата не е срам, туку сила. Ја прифаќам како дел од мене и од моето женско искуство. Сакам свет каде што ниедна девојка нема да се срами кога ќе зборува за менструација“ истакна Фатима Хајчоска, ученичка во гимназијата „Мирко Милески“ Кичево, учесничка на работилниците.

И другите учеснички на работилниците ги споделија своите ставови во врска со оваа тема. “Секоја девојка заслужува информации, не тишина! На работилниците учевме, зборувавме и се слушавме  и тоа беше ослободување. Сега сум погласна, поискрена и похрабра и за себе и за другите“ изјави Ела Алимоска ученичка во гимназијата „Мирко Милески“ Кичево.

“Менструалната правда значи достапност, еднаквост и достоинство. Не бараме милост, туку основни услови за здравје и живот. Нашите гласови започнаа промена што никој повеќе не може да ја игнорира“ додаде Бојана Велјаноска ученичка во гимназијата „Мирко Милески“ Кичево, учесничка на работилниците.

Овој проект се спроведува на територијата на општините Битола и Кичево а планирано е да се остварат неколку резултати: Зголемено знаење за менструалното здравје, подобрени ставови кон менструацијата и намалување на стигмата; Зголемен пристап до менструални производи за девојчиња на кои им е потребна, засилено вклучување на заедницата и поддршка за иницијативи за менструално здравје и создавање на одржлива мрежа на ресурси за постојана поддршка, како и Засилена емоционална поддршка и заедница меѓу учесничките, развој на лидерски вештини кај врсничките лидерки и зголемена самодоверба при дискусииите за здравствените предизвици поврзани со менструацијата.

„За менструална правда” е проект спроведуван од Организацијата на жени на Општина Битола  во партнерство со Здружението Саншајн кидс од Кичево. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2”  финансиран од Европската Унија.