Преку нови знаења за родово сензитивно набљудување на локалните избори 2025 до родова еднаквост и фер застапеност на жените во изборниот процес

13 Окт 2025

Во рамките на проектот Моја иднина, мој избор – Зајакнати жени и девојки за транспарентни и инклузивни локални избори 2025, Сојузот – Национален совет за родова рамноправност (НСРР) во периодот од 10 до 12 септември 2025 и од 7 до 8 октомври 2025 година успешно го реализираше двоетапниот циклус на обуки за изборна едукација и мониторинг на локални избори. Обуките беа наменети за идните изборни набљудувачки, а целта на обуките беше да се зајакнат знаењата и капацитетите на жените за активно учество во изборниот процес и родово сензитивно набљудување на изборите. Првиот дел од обуките кој се одржа во септември 2025 г. се фокусираше на основите на изборниот процес и изборниот систем во Република Северна Македонија, идентификување на пречките кои произлегуваат од изборниот систем, статистички податоци за учеството на жените во изборите, интегрирање на родовите аспекти во изборното набљудување, стратегии за зголемување на женското учество, како и препознавање на различни форми на изборни нерегуларности и родово базирано изборно насилство. Вториот дел од обуките, кој се одржа во октомври 2025 г., беше специјализиран, со акцент на принципите и методологијата на изборното набљудување, идентификување на нерегуларности и практична подготовка за денот на изборите.

За време на обуките учесничките го истакнаа своето задоволство од знаењата со кои што се стекнаа за време на обуката.

 “Обуката за мониторинг на локални избори беше прекрасно искуство исполнето со нови знаења и позитивна енергија. Имав можност да научам многу околу изборниот процес и да стекнам искуство кое ќе ми биде од голема корист во иднина“ истакна Албана Рамадани, набљудувачка во општина Арачиново.

 “Ова беше одлична иницијатива на Сојузот – Национален совет за родова рамноправност, која овозможи практично запознавање со изборниот процес. Особено го ценам придонесот на претставниците од Државната изборна комисија, кои на јасен и разбирлив начин ги пренесоа своите знаења. Се надевам дека и во иднина повеќе млади жени ќе имаат можност да учествуваат во вакви обуки“ додаде Симона Видоевска, набљудувачка во општина Сарај.

Освен за знаењата, учесничите ги истакнаа своето задоволство и од меѓусебното вмрежување и поттик за понатамошно делување.

Обуката за изборен мониторинг ми овозможи да стекнам нови знаења, но и да се поврзам со жени со иста визија за фер и инклузивни избори. Ова искуство ме мотивира и понатаму, уште повеќе да придонесувам за еднаквост и транспарентност при изборниот процес“ рече Матеа Анишиќ, набљудувачка во општина Илинден.

Од срце им се заблагодаруваме на организаторите и предавачите за нивната енергија, искуство и поддршка што нè мотивираа да бидеме поактивни и посамоуверени во унапредувањето на родовата еднаквост и фер застапеноста на жените. Благодарение на нивниот инспиративен пристап стекнавме практични вештини и силна мотивација да продолжиме да придонесуваме кон поинклузивно и праведно општество“ истакна Нермин Браими, набљудувачка во општина Арачиново.

Обуките беа спроведени од тим експерти и претставници на Државната изборна комисија, а учесничките беа избрани преку јавен повик објавен на социјалните мрежи на НСРР. При селекцијата, колку што беше можно, беше посветено внимание учесничките да бидат жителки на таргетираните општини опфатени со проектот. За време на вториот дел од обуките беше изработен план за нивен ангажман на денот на изборите, при што учесничките беа распределени според општините каде што ќе го спроведуваат мониторингот. Реализацијата на овие обуки придонесе кон зголемување на женското учество во изборните процеси, подигнување на јавната свест за родовата еднаквост во политиката и обезбедување родово сензитивен пристап во изборното набљудување.

Моја иднина, мој избор – Зајакнати жени и девојки за транспарентни и инклузивни локални избори 2025” е проект спроведуван од Сојузот – Национален совет за родова рамноправност, Скопје. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија.