Локални избори 2025: Родови аспекти и реалното учество на жените

15 Јан 2026

Двете граѓански организации, Реактор – Истражување во акција и Националниот совет за родова рамноправност, ги следеа Локалните избори 2025 година, со фокус на родовата еднаквост и учеството на жените. Овие активности беа спроведени во рамки на нивните суб-грантови добиени преку проктот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2”. Наодите на двете организации се засноваат на различни методолошки пристапи и опфаќаат различни фази од изборниот процес, но укажуваат на сериозни и долгорочни предизвици поврзани со родовата еднаквост.

Следењето на здружението Реактор – Истражување во акција покажува дека, и покрај благото зголемување на бројот на жени кандидатки, суштински напредок во политичкото учество на жените не е постигнат. Според наодите во нивната публикација „Локални избори 2025 година – Осврт на кандидатските листи за градоначалници и избраните носители од родов аспект”, на локалните избори 2025, од вкупно 309 кандидати за градоначалници, само 32 биле жени (околу 10%), а само 4 жени ја освоиле градоначалничката функција (приближно 5% од вкупниот број општини). Овие податоци укажуваат дека најизразената родова нееднаквост и понатаму постои кај извршните функции.

Во однос на општинските совети, иако квотниот систем овозможува поголемо формално присуство на жените, распределбата на моќ останува нерамномерна. Од вкупно 4.737 кандидатки, советнички мандат освоија 466 жени, наспроти 841 избран советник од машки пол. Исклучок претставува Општина Велес, каде е регистрирано женско мнозинство во Советот (14 советнички наспроти 9 советници), што Реактор го идентификува како резултат на специфични локални околности, а не на системски промени. Анализата дополнително покажува дека локалните политики поврзани со безбедноста, услугите за грижа и пристапноста, иако често посочувани од жените како приоритетни, ретко се третираат како централни теми во изборните програми.

Националниот совет за родова рамноправност (НСРР) спроведе родово сензитивно набљудување на изборниот ден во 12 општини, преку 20 обучени и акредитирани набљудувачки, кои следеа 12 избирачки места. Наодите покажуваат дека изборниот процес во најголем дел се одвивал мирно и без сериозни инциденти, со видливо присуство на жени и како гласачки и како членки на избирачките одбори.

Податоците од терен укажуваат на варијации во женската излезност. На пример, во одредени избирачки места жените сочинувале околу 48–49% од гласачите, додека во други средини учеството се движело околу 36–37%, што укажува на влијание на локални, социјални и културни фактори. НСРР евидентираше и 6 до 8 случаи на семејно гласање или директно влијание врз изборот на жените, при што реакцијата на избирачките одбори била нерамномерна – од соодветна интервенција до целосно изостанување.

Дополнително, во дел од набљудуваните општини беа забележани физички бариери до избирачките места, како скали и тесни простории, што особено ги погодува постарите жени, бремените лица и жените со намалена подвижност. Истовремено, женското лидерство во избирачките одбори беше идентификувано како позитивен фактор што придонесува кон подобра организација и поголема заштита на приватноста на гласањето.

Наодите од двете организации укажуваат дека, иако Локалните избори во 2025 година формално беа спроведени во согласност со законската рамка, родовата еднаквост останува ограничена и нерамномерна. Реактор укажува на сериозен јаз меѓу формалната застапеност и реалната политичка моќ на жените, додека НСРР посочува дека квалитетот на родово чувствителната пракса на терен значително варира меѓу општините. Заедничкиот заклучок на организациите е дека се потребни системски и долгорочни мерки за унапредување на родово еднаков и инклузивен изборен процес на локално ниво.

Активностите се дел од „Локални гласови за демократија: Моќ, влијание и еднаквост во пракса” спроведуван од Реактор – истражување во акција и „Моја иднина, мој избор – зајакнати жени и девојки за транспарентни и инклузивни локални избори 2025 година” спроведуван од Сојуз – Национален совет за родова рамноправност. Овие два проекта се суб-грантови добиени во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија.