Лицата од трето доба од Гостивар ги зајакнаа своите капацитети за застапување за поквалитетни услови за живеење на возрасните лица во заедницата

4 Јун 2025

На 29ти и 30ти мај 2025 г. во Маврово се одржа дводневна обука на тема Застапување и лобирање, наменета за возрасни лица, пензионери, а учество зедоа 20 лица од Гостивар и околината.

Целта на оваа обука беше лицата од трето доба од Гостивар и околината да ги зајакнат своите капацитети за застапување и придонес во процесите на носење одлуки за прашања кои се однесуваат на повозрасните лица во општината и можностите за развој на економија на грижа. На оваа обука учесниците имаа можност да ги збогатат своите знаења за застапување, како и практично да ги применат.  Најпрво, се дефинираше што е застапување, форми и пристапи- кој, кога и како застапува. Потоа, клучни елементи на успешно застапување, поставување цели и препознавање проблем, анализа на клучни чинители, идентификување приоритет и мапирање на чинители. Понатаму, се работеше на подготовка за практична акција за застапување, акциско планирање – стратегија, цели и комуникациски канали, креирање пораки и комуникација со институции/клучни чинители.   Во склоп на оваа обука учесниците работеа и на подготовка на тимот за застапување со реални улоги и тактики, а преку симулирана средба за застапување истите се подготвија за консултативен процес при дефинирање на приоритетите за старите лица и претставување на своите приоритети пред општинската администрација.  Исто така, се направи и реален избор на координативен тим за овие цели, кој понатаму ќе работи на спроведување на локални иницијативи за застапување и вклучување на старите лица во позитивните општествени текови во општина Гостивар, особено во областа на подобрување на социјалните услуги за оваа категорија на граѓани и обезбедување на услуги за грижа.

Социо 1 (grc)

Покрај оваа обука, во насока на зголемување на влијанието на граѓанските организации во креирањето локални политики со цел развој и унапредување на услугите за социјална заштита на старите лица и можностите за развој на економија на грижа, во рамки на оваа локална иницијатива  на  Здружението за обезбедување социјални услуги СОЦИО, Гостивар е предвидено мапирање на состојбата со старите лица во општина Гостивар, чии податоци ќе овозможат идентификување на главните приоритети и области каде што е потребна интервенција. Ова може да ги вклучува здравствените потреби, социјалната поддршка, пристапот до услуги и други релевантни фактори. Врз основа на податоците добиени при мапирањето, ќе се формираат препораки за политики и програми кои ќе ги адресираат идентификуваните потреби. Овие препораки е предвидено да се дискутираат и ревидираат од страна на сите засегнати страни на општинско ниво, а врз основа на препораките и повратните информации од консултациите е предвидено да се изработи документот за јавна политика, кој ќе вклучи јасна визија, цели и план. Истиот ќе се поднесе на усвојување од страна на општината Гостивар, а истовремено ќе биде јавно промовиран на отворениот ден планиран како дел од проектот. Со овој документ јасно ќе се одредат приоритетите за старите лица и понатамошен развој на програмите за домашна нега, здравствена нега и социјална поддршка на ниво на општина.

Обуката е организирана во рамки на проектот „Локална иницијатива за подобрување на социјалните услуги на старите лица” спроведуван од Здружението за обезбедување социјални услуги СОЦИО, Гостивар во партнерство со Здружението за култура, спорт и образование АНИСИЈА од Гостивар. Овој проект е субгрант добиен во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија. Содржината на работилницата не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и на Граѓанскиот ресурсен центар.