Со панел дискусијата на тема „Здрави навики - врската меѓу здравјето и животната средина“ која се одржа на 23 јуни 2025 завршија планираните активности од проектот „Трчај за зелена иднина“ кој е спроведуван од Атлетски клуб АККА Скопје во партнерство со Здружение за зелено општество - Гринер.
Со неа го заокруживме повеќекратното испраќање пораки за потребата од поголема инвестиција во урбана инфраструктура која ќе го поддржува развојот на здрави навики, но и ќе понуди рамномерен и инклузивен развој на градот. Со тоа ќе се овозможат предуслови за подигнување на јавната свест и подобрување на однесувањето и кон околината и кон личното здравје.
Дискусијата ја покажа потребата на граѓаните за поголема едукација на сите возрасти, но и револтот од несовесноста на граѓаните која доведува до огромни количини отпадоци насекаде. Од повеќе дискутанти беше споделено мислење дека ни е потребна континуирана и добро планирана акција за поквалитетен живот, наспроти проектно работење на кратки рокови, што би значело редовно инвестирање и одржување и во можности за спорт, и во зеленило, и во систем за собирање отпад.
Панел дискусијата беше последната во низата активности кои се организираа од почетокот на март, а со кои правевме промоција на здравите навики и развојот на еколошката свест меѓу жителите на Скопје. Организиравме две акции за садење дрвја, близу до врвот на Водно и во Парк - шумата Гази Баба, каде се засадија повеќе од 240 садници, се зголеми знаењето за корисноста на трчањето и редовното спортување воопшто, но и избраните локации овозможија сите учесници да имаат време исполнето со физичка активност.


Дадовме пример и преку организирање на три plogging run настани - трчање/рекреирање со попатно собирање отпадоци, кои ги реализиравме во централното градско подрачје и во Градскиот парк. Низ овие настани го промовираме спортувањето како активност за секого, презентирајќи преку личен пример како мали акции може да го поддржат нашето здравје. При собирањето на отпадот имавме можност одблиску да се запознаеме со навиките на граѓаните и по обем најголемите загадувачи. Ова е многу важен аспект преку кој во нашата идна работа ќе може директно да креираме одговори за справување и минимизирање на создавање отпад. Издвојуваме дека предничи отпадот од амбалажа, по него е отпад од брза храна и освежување, а по нив се влажните марамчиња.

Успешно реализиравме и една хуманитарна трка со која сакавме да направиме позитивно еколошко влијание преку самоорганизирање и донирање на средства за идни слични активности. Со настанот испративме порака за лично одговорно однесување и изнаоѓање можности за реупотреба преку повик за донирање на употребувана, чиста и здрава спортска опрема и реквизити кои може многу да бидат корисни за млади во социјален ризик и со помалку можности.

Секоја од активностите со себе носеше специфична порака, но јасно е дека сакаме град кој дише во спортски дух и ја негува животната средина, ни нуди зелена иднина и ни овозможува квалитетен живот. Во секоја прилика промовиравме дека е потребна комбинација од здрав и активен живот и зелени навики ако сакаме одржлива иднина.

Низ проектот анимиравме повеќе од 200 лица и директно зборувавме со 73 лица кои ги анкетиравме за нивните навики. Низ активностите исчистивме повеќе од 500 килограми отпад од јавни површини и преку повеќе од 100 објави на социјалните мрежи допревме до голем број на граѓани. До крајот на септември, кога е официјалното завршување на проектот, продолжуваме онлајн да ја реализираме нашата „Кампања за подигнување на свеста за здрави навики и заштита на животната средина“ и да се застапуваме за воспоставување на одржливи практики на сите нивоа.
„Трчај за зелена иднина“ е спроведуван од Атлетски клуб АККА Скопје во партнерство со Здружение за зелено општество – Гринер, добиен како субгрант во рамките на проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија.




