Јавните средства како предизборна „инјекција“ во Локалните избори 2025

3 Фев 2026

Во изборните години често се забележува нагло зголемување на трошоците за јавни набавки на општините, што предизвикува загриженост за злоупотреба на јавните средства за стекнување изборна предност, односно за „купување гласови“. Но, освен генерални проценки и мерења, досега немало поконкретно истражување или следење на ваквите трошења во изборните години за да се спречи евентуалната злоупотреба на јавните пари во изборни цели и да се подобри вкупниот изборен процес во земјава. Суб-грантот „Фер трошење за фер избори: Следење на јавните набавки на општините во изборната година“ спроведуван од Центарот за граѓански комуникации имаше за цел да ги следи и анализира зголемените трошоци за јавни набавки во општините за време на изборната година за да се укаже на евентуалното прекумерно или политички мотивирано трошење, да се подигне јавната свест за таквите практики и да се придонесе кон намалување на неправилностите.

Клучните наоди од ова следење и истражување се следниве:

  • Во периодот од октомври 2024 до октомври 2025 година, односно во последната година пред изборите, Владата испланира 250 милиони евра за инфраструктурни проекти на општините, и од тие пари им одобри 112 милиони евра преку шест министерства (Транспорт, Спорт, Образование, Животна средина, Социјална политика и Култура).
  • Првата одлука за распределба на 71,1 милиони евра ја донесе во октомври 2024, наменети за 288 општински проекти, избрани на претходно објавен јавен оглас. Пари од оваа транша не им беа одобрени само на три општини – Град Скопје, Струмица и Сарај.
  • Втората одлука за распределба на дополнителни 41,4 милиони евра за 828 проекти Владата ја донесе на 4 јули 2025, односно нецели три месеци пред изборите. Од оваа транша, пари добија сите општини освен Град Скопје. Од јули до 9 август (денот на распишување на изборите) речиси сите општини направија ребаланси на Буџетот за да ги вметнат овие пари и да можат непречено да ги спроведуваат проектите во последните два месеци пред изборите.
  • Иако одобри проекти за 71 милион евра за 2024, Владата во Буџетот за 2024 година „резервираше“ само 15,5 милиони евра, а реално потроши само 345 илјади евра. Оттука, овие пари се споија со парите за проектите за следната, 2025 година и во Буџетот за оваа година Владата испланира 102 милиони евра за овие проекти.
  • Веднаш по завршувањето на изборите, Владата направи сериозно кратење на парите во Буџетот за овие проекти и тоа прво, со Одлуката за прераспределба на средства во Буџетот, 102-та милиони евра се намалени на 44 милиони евра, односно за 58 милиони евра. Потоа, со новиот Буџет за 2026 година, се намалија парите кои претходно планирани за 2026 и 2027 година и тоа: за 2026 беа планирани 70 милиони, кои со Буџетот се скратени на 41 милион, а за 2027 година беа планирани 77 милиони, кои според планот сега се скратени на 63 милиони.
  • Вкупно, почетните 250 милиони евра за општински проекти од Унгарскиот заем, сега се скратени на 149 милиони евра.
  • Инаку, по општини, најмногу пари, над 5 милиони евра секоја, беа одобрени на Битола (5,6 мил. евра), Тетово (5,5 мил. евра), Куманово (5,3 мил. евра) и Аеродром (5,3 мил. евра), а блиску е и Прилеп (4,4 мил. евра).
  • По жител, најмногу износи на одобрени пари има за Демир Капија (99 евра), Желино (82 евра), Свети Николе (79 евра), Градско (78 евра) и Кратово (76 евра). Најмалку пари по жител добиле Град Скопје (0 евра), Струмица (16 евра), Сарај (23 евра), Центар (41 евро) и Кичево (49 евра).
  • Посебната проценка на влијанието на овие трошења врз подобрување на условите за живот и работа на жените, младите и маргинализираните групи покажува дека за овие групи граѓани можат да се препознаат само 11 од 1116 проекти, односно нецел 1%. Вакви проекти имаат 9 општини, во вкупна вредност од 4,3 милиони евра, односно 3,8% од вредноста на одобрените проекти. Од 11-те проекти, 10 се за млади, 1 за маргинализирани групи, и ниту еден за жени.  

Генерален заклучок е дека одобрените средства од Владата за општините од Унгарскиот кредит беа значајна „инјекција“ за општините во предизборните месеци, зголемувајќи ги:

  • износите на нивните капитални расходи во буџетите за 2025 година, во однос на реализацијата за 2024 година просечно дури за 92%;
  • буџетите за 2025 во однос на реализираните Буџети за претходната година просечно за 37% и
  • нивните јавни набавки во 2024 година, во однос на 2023 година просечно за 40%.

Средствата не беа рамномерно распределени на општините, ниту по број на жители, ниту по износ. Најголем дел од градоначалниците интензивно ги промовираа проектите во годината на локалните избори и во предизборието. Проектите беа квалификувани како „развојни“, бидејќи е предвидено нивно финансирање во тригодишен период иако значаен дел од нив се всушност поправка, реконструкција или изградба на улици и слични локални инфраструктурни зафати.

Најголем дел од огласите за јавни набавки  за првата транша на проектите предвидуваа кратки рокови за изградба на проектите, најчесто до октомври 2025 година, односно до месецот на одржување на изборите. Во значаен дел од анализираните општини се забележува доминација на една или на неколку фирми кои ги добиле договорите за јавни набавки за изградба на проектите.

За разлика од засиленото промовирање на проектите на почетокот, во 2024 и 2025 година, речиси немаше слични јавни известувања и за значителното намалување на парите за проектите, по локалните избори.

Истражувањето е дел од проектот „Фер трошење за фер избори: Следење на јавните набавки на општините во изборната година” спроведуван од Центар за граѓански комуникации Скопје. Овој проект е суб-грант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија. Содржината на истражувањето е единствена одговорност на спроведувачот на суб-грантот и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и на Граѓанскиот ресурсен центар.