На 1-ви декември 2025 година, Граѓанскиот ресурсен центар организираше регионална дебата со граѓанските организации од Источниот регион. Настанот се одржа во Делчево и овозможи отворена дискусија за актуелните предизвици со кои се соочуваат организациите, опкружувањето во кое функционираат и факторите што влијаат врз нивното секојдневно работење.
Една од главните теми на средбата беше работата на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, а пред се Програмата за работа на Советот за 2026 година. Програмата беше презентирана пред присутните, кои имаа можност да дадат свои сугестии за иницијативи што може да се покренат преку Советот. Валентина Величковска, членка на Советот за областа развој на граѓанското општество истакна дека „членките на Советот од редот на граѓанските организации не се во Советот да ги претставуваат само своите организации, туку сите граѓански организации. Затоа е клучно сите организации да знаат што работи Советот, кои лица ги претставуваат во Советот и како можат да ги пренесат своите ставови и потреби до членовите.“

Учесниците активно се вклучија во дискусијата, споделувајќи конкретни искуства и примери од нивното работење, укажувајќи на конкретни предизвици од нивното секојдневно работење што може да се најдат на дневен ред на следните седниците на Советот.
Дел од предизвиците истакнати од повеќето присутни организации беа долгото време на чекање за добивање на потврда од Министерството за европски прашања за регистрирање на проекти/донации во Централната база на податоци за странска помош за целите на ослободување од данок на додадена вредност како и ограничената можност да се поднесе барање за издавање на решение за регистрација на даночен обврзник за проектите само во скопската канцеларија на Управата за јавни приходи што претставува значителен товар за организациите од другите региони. Беше истакнато дека Управата за јавни приходи треба да ја дигитализира оваа услуга за граѓанските организации со цел да има поефикасна и подостапна процедура. Покрај прашањето за транспарентноста на државното финансирање за граѓанските организации, присутните го покренаа и прашањето за повиците од надлежните владини институции до граѓанските организации за обезбедување на услуги, истакнувајќи ја комплексноста на процедурите и условите наведени во повикот за финансирање на организации даватели на социјални услуги. Дел од учесниците посочија и дека трета година по ред надлежното министерство нема објавено повик за обезбедување на бесплатна правна помош.

Организациите ја истакнаа и потребата од зголемена медиумска видливост на нивната работа и постигнувања, односно поактивно присуство во традиционалните и онлајн медиумите. Дел од присутните дадоа предлог да се работи на зголемување на врската со медиумите со цел да се воспостави редовно вклучување на граѓански организации во радио и телевизиските програми како и присуство на медиумските објави онлајн. Во овој дел од дискусијата беше посочена и потребата од јакнење на капацитетите на граѓанските организации за комуникации, видливост и нивно претставување во јавноста.
На настанот локалните организации беа запознаени и со услугите што ги обезбедува Граѓанскиот ресурсен центар како активностите за градење капацитети, споделување на информации за можности за финансирање на организациите, советодавната поддршка, можностите за користење на простор во Скопје, Штип и Гостивар и низа други услуги.
Настанот беше организиран во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.




