На 18 септември 2025 година во Струга се одржа јавна промоција на истражувањето „Глеаме све! – Транспарентност и отчетност на локалните власти“, реализирано од Здружението за развој и активизам „Аква“. Настанот обедини претставници на граѓански организации и институции кои заедно дискутираа за предизвиците и можностите за подобрување на локалното владеење.
На настанот беа презентирани резултатите од анализата за работата на Советот на Општина Струга и неговите комисии. Фокусот беше ставен на транспарентноста, отчетноста и степенот на вклученост на граѓаните во процесите на одлучување. Посебно внимание предизвика дискусијата за улогата на Комисијата за еднакви можности и Комисијата за односи меѓу заедниците, кои играат значајна улога во градењето инклузивни локални политики.

Клучни наоди од истражувањето:
- Потребно е зголемување на отвореноста и навременото објавување информации од страна на Советот и комисиите.
- Комисијата за односи меѓу заедниците има недоволна функционалност и недостиг на јавна видливост.
- Постојат позитивни примери во работата на Комисијата за еднакви можности, но недостасува доследна примена.
Анализата е достапна на следниот линк.
Реакциите од учесниците потврдија дека постои силна потреба од зголемена транспарентност и подобар пристап на граѓаните до информации. Заклучокот од настанот беше јасен: граѓанското следење претставува клучен механизам за унапредување на локалното владеење, а понатамошната соработка меѓу општината, граѓанските организации и заедницата е неопходна за градење поотворени и поодговорни институции.
„Глеаме све! – Транспарентност и отчетност на локалните власти” е проект спроведуван од Здружението за развој и активизам „Аква“, во партнерство со Здружението за афирмација на културата БАГЕР ГЕНЕЗИС 2.0 Струга. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија.




