На 15 септември 2025 година се одржа завршниот настан од проектот „Гласот на жените од руралните средини“, кој го спроведуваше Здружението на жени фармери Моја Фарма од Гостивар во партнерство со Институтот за едукација, стратешки истражувања и анализи Рурал ТИНК од Кичево. На настанот присуствуваа членови, волонтери и претставници на граѓански организации од Гостивар, Кичево и Кавадарци. Настанот беше можност за размена на практики и идеи, но и за истакнување на улогата на жените од руралните средини во создавањето на поеднакво и праведно општество.
Ранкица Божиноска од Моја Фарма ги претстави резултатите од родовата анализа на годишните програми за работа на општините Гостивар и Кичево. Таа зборуваше и за граѓанските иницијативи на жените од руралните средини, кои произлегоа од локалните родови форуми, како и за позитивните практики споделени при студиската посета во Кавадарци. Марија Камчева, координаторка на Комисијата за еднакви можности во општина Кавадарци, сподели позитивни искуства од соработката на Комисијата со граѓанските здруженија. Благица Коцева Тодорова, претседателка на здружението Визија од Кавадарци, ја потенцираше работата на нивната организација и го претстави нивното најзначајно достигнување – Регионалниот советувалиштен центар за жени жртви на семејно насилство, активен од 2022 година.

,,Проектот ни овозможи да согледаме до кој степен се идентификуваат специфичните потреби на мажите и жените во планирањето на општините Кичево и Гостивар и да согледаме дали потребите на сите граѓани и граѓанки се дефинирани во локалните политики и програми за работа. За прв пат работевме на ваква анализа и двете организации, па имавме можност да научиме повеќе и за алатките за анализа, за работата на општините, а преку теренската работа и родовите форуми ги согледавме и реалните потреби на жените од руралните средини” рече Лилјана Јоноска, претседателка на Рурална Коалиција. На завршниот настан таа пренесе дел од долгогодишното искуство во унапредување на родова еднаквост, нагласувајќи дека секоја посветена работа дава резултати.
„Гласот на жените од руралните средини” е проект спроведуван од Здружението на жени фармери Моја Фарма Гостивар, во партнерство со Институт за едукација, стратешки истражувања и анализи – Рурал Тинк, Кичево. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија.




