Околу 30-тина граѓани од Крива Паланка, Кратово и Ранковце учествуваа на втората форумска сесија од Регионалниот форум, организиран во рамки на проектот „Локални иницијативи за зајакнување на партиципативната демократија“, што го спроведува Регионалниот центар за содржлив развој од Кратово, во партнерство со Регионалниот центар за соработка „Спектар“ од Крива Паланка.
И на оваа форумската сесија, која се одржа во Крива Паланка, беше отворен дијалог меѓу граѓаните, граѓанските организации и претставниците на институциите, со цел заедничко дефинирање на локални приоритети и иницирање конкретни решенија за заеднички проблеми.
„Граѓаните не се само корисници на услуги, тие се и носители на идеи и соработници во креирањето политики. Затоа, е клучно граѓанскиот глас да биде слушнат во текот на целиот процес на локалното одлучување и носење на локалните развојните планови“, истакна проектниот координаторот Милош Димитровски.
Сесијата се фокусираше на идентификација на граѓанските приоритети, во клучните тематски области: комунални услуги, локален економски развој, култура и туризам и социјални услуги, избрани врз основа на претходното истражување кое се темели на реални потреби на граѓаните од регионот. Преку интерактивен пристап и тематски работни групи, учесниците ги издвоија најгорливите предизвици: подобрување на пристапот до чиста вода, ефикасни јавни услуги, зачувување на животната средина и стимулирање на локалниот економски развој.
„На оваа форумска сесија бевме прашани, вклучени и поддржани да ги артикулираме проблемите со кои се соочуваме секојдневно, како водоснабдувањето, јавниот превоз, младинската миграција, подобри социјални услуги за постарите и ранливите, односно да понудиме предлози кои произлегуваат од нашето искуство“, рече Ангелина Ѓошевска од ООЦК Крива Паланка.

Учесниците посебно ја поздравија подготвеноста на граѓанскиот сектор и општините да се работи заедно со граѓаните и да се интегрираат нивните идеи во локалните програми и буџети. Притоа, како отворена и транспарентна општина посебно беше истакната Крива Паланка која потпиша меморандум за соработка во рамките на проектот и која редовно организира самостојни буџетски форуми.
„Чувството дека твојот предлог може да стане дел од некоја општинска програма или буџет, ти дава мотивација да станеш активен. Ваквите форуми покажуваат дека вистинската демократија започнува токму тука, разговарајќи заеднички за конкретни потреби, но и за можностите за нивна реализација“, истакна Зорица Димитровска од Кратово.
Граѓаните отворено ја изразија својата загриженост за иднината на младите во локалните заедници, соочени со ограничени можности, иселување и невработеност. Тие побараа поголемо внимание од општините и повеќе простор за младите во носењето одлуки на локално ниво.

„За нас, младите, ваквите настани се шанса некој навистина да нè праша што мислиме и што сакаме да се промени. Ни требаат повеќе вакви форуми, по училиштата, општините, по месните заедници, каде младите ќе можат да се вклучат, да предлагаат, да дебатираат. Ни треба простор и поддршка за да станеме двигатели на вистински промени,“ посочи Никола Митовски, член на Младинскиот совет на Крива Паланка.
Преку заедничка работа, учесниците ја надополнија листата со приоритети во 4-те вклучени општини: Крива Паланка, Кратово, Ранковце и Старо Нагоричане. Исто така, се договорија да се изработи регионална листа со граѓански потреби, која ќе биде доставена до општините и ќе се следи нивната реализацијата во наредниот период.
„Се надеваме дека општините ќе имаат слух за нашите приоритети, што ќе влијае на локалниот развој, подобри и пореални програми, а воедно на овој начин ќе градиме и меѓусебна доверба и транспарентност“, истакна Благица Стојчевска од Здружението на Пензионери од Крива Паланка.
Преостанува третата форумска сесија која ќе се одржи на 3 јули 2025 година во Кратово, а на која учесниците ќе ги приоретизираат и ќе ги издвојат клучните приоритети, што ќе ги достават до локалните самоуправи.
Регионалниот форум продолжува да биде важна алатка за зајакнување на демократската култура и локална соработка, која го поттикнува активно вклучување на граѓаните во процесите на локалното владеење и унапредување на квалитетот на живот во заедниците.
Проектот „Локални иницијативи за зајакнување на партиципативната демократија” е спроведуван од Здружението Регионален центар за одржлив развој Кратово, во партнерство со Регионалниот центар за соработка Спектар, Крива Паланка, добиен како субгрант во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија.




