На 30 мај 2025 година, во просториите на Младинскиот центар во Македонски Брод, се одржа обука на тема „Што претставуваат климатските промени? Закани и можни решенија“, наменета за млади на возраст од 15 до 29 години. Обуката имаше за цел да ја зголеми информираноста и ангажираноста на младите во справувањето со климатските предизвици и да поттикне активно граѓанско учество во заштитата на животната средина на локално ниво.
Предавач на обуката беше д-р Пеце Ристевски, дипл. метеоролог, кој зборуваше за глобалните климатски промени, глобалното затоплување, климатските колебања во Македонија од 1926 до 2015 година, како и очекуваните климатски промени во 21 век. Исто така беше опфатена и темата за последиците од климатските промени, како и можни решенија за ублажување на истите.
Во насока на засилување на отпорноста на локалната заедница во општина Македонски Брод, оваа обука претставуваше значаен чекор кон зголемена свест на младите од Македонски Брод за климатските предизвици и важноста од превенција во борбата против климатските промени, што е многу важно, особено по зголемените шумски пожари и свлечиштата на брегот на р. Треска. Меѓу другото, обуката треба да придонесе и кон поттикнување на активно учество на локалната заедница и интегрирање иновативни и одржливи решенија за управување со природните ресурси, промовирање одржливи практики и имплементација на активности за превенција и адаптација на ризиците.

Покрај оваа обука е предвидено и спроведување на теренско истражување за идентификација на приоритетите и капацитетите на локалните чинители во борбата со климатските промени на локално ниво, чии резултати е предвидено да се споделат на јавна трибина, спроведување на теренски еко-акции за ревитализација на опожарени подрачја, спроведување на кампања за подигнување на свеста за климатските иницијативи и важноста на учеството на граѓаните, како и формирање на неформално локално еколошко лоби за унапредување на животната средина, како пример за успешно воспоставен механизам за соработка и партнерства меѓу локалните актери во оваа општина.
Сите овие активности од иницијативата на Здружението за локален развој ЛОКАЛ АКТ Македонски Брод ќе придонесат кон создавање на проактивен модел на локално делување, зголемувајќи ја свеста за климатските предизвици и мобилизирајќи ги граѓаните за активно учество во заштитата на животната средина.
Обуката е организирана во рамки на проектот „Активно граѓанско учество за градење на климатски отпорна заедница“, што го спроведува Здружението за локален развој ЛОКАЛ АКТ Македонски Брод во партнерство со Еколошко друштво ТРЕСКА Македонски Брод. Овој проект е субгрант добиен во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија. Содржината на работилницата не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и на Граѓанскиот ресурсен центар.




