Застапувањето, градењето партнерства, комуникациите и долгорочната одржливост беa главните теми на вториот модул на Академијата за граѓански организации, кој се спроведе на 15-16 октомври 2026 година, во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје.
Вториот модул е дел од Академијата која претставува тримесечна програма за јакнење на капацитетите на граѓанските организации, а која комбинира организациска самооценка, онлајн обуки, три модула во живо и менторска поддршка. Преку теоретска и практична работа, учесниците стекнуваат знаење и вештини, со цел да го зголемат влијанието и да ја зајакнат својата улога во општеството.
Застапување, волонтерство и градење партнерства
Во рамките на првата сесија посветена на Застапувањето и учеството во креирањето политики, учесниците се запознаа со механизмите за застапување и учество преку кои граѓанските организации (ГО) можат да учествуваат во подготовка на политики и донесување одлуки. Посебно внимание беше посветено на нивната улога во процесот на пристапување кон ЕУ и Реформската агенда, како и на мониторингот на реформските процеси, мапирањето на засегнати страни и дефинирањето клучни цели и пораки за застапување.
Волонтерството како алатка на граѓанско учество и мобилизација на заедницата беше втората тема на овој модул. Учесниците се запознаа со пристапите за мотивирање, регрутирање и ангажирање волонтери, како и со начините за нивно задржување и поттикнување подолгорочен придонес во работата на организациите.
Во фокусот на вториот модул беше и Соработката и партнерствата на граѓанските организации, меѓусебно, но и со институциите, локалната самоуправа, медиумите, донаторите, компаниите и др. На оваа сесија учесниците научија како се градат функционални и доверливи партнерства, а работеа и на пристапи за поефикасно вмрежување, коалициско делување и спроведување заеднички проектни иницијативи.

Комуникации, дигитални алатки и мобилизација на ресурси
Комуникациското планирање, развојот на клучни пораки, соработката со медиумите и подготовката на соопштенија и онлајн содржини беа дел од сесијата за Комуникации, односи со јавноста и видливост. Преку практични вежби и дискусии беа разработени каналите за зголемување на видливоста на резултатите и влијанието на граѓанските организации.
Во делот за Дигиталните алатки и АИ претставниците на граѓанските организации се запознаа со алатките за онлајн комуникација, спроведувањето анкети и соработката. Посебен акцент беше ставен на етичката и одговорна употреба на вештачката интелигенција (АИ) при подготовка на текстови, идеи, извештаи и комуникациски содржини, со посебен осврт на проверката на точноста на информациите, заштитата на податоците и ограничувањата на АИ.
Последната сесија од вториот модул беше посветена на Мобилизација на ресурси и одржливост на која учесниците се запознаа со организациската одржливост, диверзификација на изворите на финансирање и развој на дигитални социјални иновации.

Искуства и придобивки од Академијата за ГО
Во текот на дводневната работилница учесниците го изразија своето задоволство од програмата на Академијата за граѓански организации.
„Учеството на Модулот 2 од Академијата за ГО ми понуди вредно искуство и практични насоки за развој. Преку интересни вежби и продуктивни дискусии научив како да го зголемиме влијанието и да ја осугураме одржливоста на нашата организација. Стекнатите знаења и размената на искуства претставуваат јасна алатка што ќе ја споделам со колегите во мојата организација, но воедно тие се и мотивација за понатамошна успешна работа“, рече Милена Игњатова од Здружението на граѓани СМАРТ АП - Лабораторија за социјални иновации од Сĸопје.
Дивна Јанкова од Здружението Доверба од Куманово како особено корисни ги издвои практичните насоки за градење партнерства и примената на дигиталните алатки. “Особено ми се допадна поврзувањето на застапувањето со конкретни можности за учество на граѓанските организации во креирањето политики и следењето на реформските процеси. Корисни ми беа и практичните насоки за градење партнерства со институциите и локалната самоуправа, како и користењето на вештачката интелигенција во подготовка на проекти, извештаи и комуникациски содржини. Обуката ми даде идеи како овие знаења да ги применам во работата на нашата организација за поголема видливост и поефикасно застапување за потребите на граѓаните“, истакна Јанкова.

Како и првиот, така и вториот модул се реализираше како последователна активност на онлајн обуките од соодветните темиски области опфатени со Модулот 2, кои беа услов за учество на Академијата. Идејата е по стекнатото основно знаење од онлајн обуките, учесниците за време на модулите во живо, да дискутираат за предизвиците, да се разјаснат одредени прашања и преку практична работа да се се здобијат со вештини и знаења за примена на наученото во нивното секојдневно работење на соодветните теми. Поддршката продолжува и преку последователни менторски сесии според потребите на организациите.
Третиот и последен модул на Академијата во живо ќе биде спроведен во ноември 2026 година.
Академијата за граѓански организации е организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.




