На 8 октомври 2026 година, Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија со поддршка од Граѓанскиот ресурсен центар, организираше онлајн консултативна средба со граѓанските организации за претстојниот повик за финансиска поддршка за борба против родово базираното и семејното насилство. Повикот е финансиран од Националната програма ИПА 2024.
Ирена Иванова, програмски менаџер во Делегацијата на Европската Унија, ги претстави главните планирани параментри на повикот со вкупен буџет од 3 милиони евра. Повикот се надоврзува на поддршката од ИПА 2022. Целта е да се обезбедат најмалку три целосно функционални шелтер центри за жртви на семејно насилство и трговија со луѓе. Центрите треба да нудат сместување 24/7, психосоцијална, правна и медицинска помош, како и поддршка за реинтеграција и вработување. Предвидени се и активности за подигање на свеста кај заедниците, институциите, здравствените и образовните установи и медиумите.
Во дискусијата учествуваа околу 30 претставници на граѓански организации што работат со жртви на насилство, други заинтересирани организации како и меѓународни организации. Најсилната порака беше дека поддршката за жртвите не смее да заврши кога ќе го напуштат шелтер центарот. Без решение за домувањето, економско зајакнување и вработување, многу жени се принудени да се вратат кај насилникот.
Организациите ги изнесоа и следниве препораки:
- повикот да биде достапен за искусни организации, иако не се лиценцирани даватели на социјални услуги;
- поголема покриеност на руралните средини и подрачјата надвор од Скопје;
- квалитативни индикатори што го мерат вистинскиот ефект врз животот на жртвите;
- интерсекциски пристап и поддршка за ЛГБТИ лицата, за кои во државата моментално нема шелтер центар;
- флексибилни форми на кризно сместување;
- вклучување на дигиталното и технолошки олеснетото родово базирано насилство.
Од Делегацијата на ЕУ потврдија дека реинтеграцијата е многу важен елемент и дека предлозите ќе бидат разгледани при финализирање на повикот. Покрај оваа онлајн консултативна средба, организациите можат да достават писмени предлози најдоцна до 15 октомври 2026.
Консултативната средба е организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар - втора фаза“, финансиран од Европската Унија и спроведуван од Граѓански ресурсен центар, Македонски центар за меѓународна соработка, Асоцијација за демократски иницијативи АДИ и Медија плус, Штип.




