Граѓанскиот ресурсен центар објави повик за граѓанските организации кои сакаат да ги зајакнат своите организациски капацитети, отпорност и одржливост. Академијата е тримесечна програма што комбинира организациска самооценка, онлајн курсеви, обуки во живо, менторство и практична работа. Учеството е бесплатно.
Академијата ги опфаќа следните три меѓусебно поврзани модули:
- Модул 1: добро управување и организациска поставеност, внатрешни политики и процедури, документација и архивско работење, стратешко планирање.
- Модул 2: застапување и учество во креирање политики, волонтерство и мобилизација на заедницата, партнерства и вмрежување, комуникации и видливост, дигитални алатки и AI, мобилизирање ресурси и одржливост.
- Модул 3: развој на проектна идеја, логичка рамка, пишување предлог-проект, буџетирање и финансиско управување, управување со проекти, мониторинг, евалуација и учење.
До крајот на циклусот, секоја организација треба да постигне конкретни резултати, меѓу кои: ревидирани стратешки цели и приоритети, изготвени логичка рамка со буџет, план за комуникација, план за застапување, програма за волонтерство, итн.
Кој може да се пријави
Граѓански организации регистрирани согласно на Законот за здруженија и фондации, кои се активни, имаат идентификувани потреби за организациски развој и се подготвени да учествуваат во целата програма со двајца до тројца номинирани претставници. Учеството во Академијата е ограничено на максимум 15 организации.
При изборот ќе се земат предвид: мотивацијата и посветеноста за учество во целата програма, идентификуваните потреби од јакнење на капацитетите, релевантноста на организацијата за јавните политики, застапувањето и заедницата, капацитетот за примена на стекнатите знаења, како и географската и организациската разновидност, вклучувајќи учество на локални организации.
Обврски на избраните организации
- завршување на задолжителните подготвителни онлајн курсеви пред секој модул;
- активно учество на номинираните претставници на сите три обуки;
- изработка на практичните задачи и учество во менторски сесии (според потребата);
- пренесување и примена на знаењата во организацијата;
- пополнување на завршната самооценка за мерење на напредокот.
Временска рамка
| Активност | Датум |
| Краен рок за пријавување | 18 септември 2026 |
| Известување на избраните организации | до 21 септември 2026 |
| Модул 1 – обука во живо | 29–30 септември 2026 |
| Модул 2 – обука во живо | 15–16 октомври 2026 |
| Модул 3 – обука во живо | 19–20 ноември 2026 |
Како да се пријавите
- Пополнете ја пријавата
- Пополнете ја алатката за организациска самооценка на https://rcgo.mk/samoocenka/ (задолжителен дел од пријавата)
Пријавете се најдоцна до 18 септември 2026 година.




