Граѓанскиот ресурсен центар создава нови можности за поддршка на граѓанските организации во Кавадарци

11 Јун 2026

„Преку својот регионален експерт за Вардарскиот регион Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) ќе созде нови можности за поддршка на граѓанските организации во Кавадарци“ беше општиот заклучок од посетата спроведена во рамки на Мобилниот ресурсен центар во Кавадарци, на 10 јуни 2026 година.

За време на посетата на Мобилниот ресурсен центар одржан во зградата на општина Кавадарци, локалните организации и активистите од оваа општина се информираа за актуелностите за развој на граѓанското општество на локално и национално ниво, можностите за финансирање и јакнење на граѓанските организации, можностите што ги нуди Граѓанскиот ресурсен центар, ЕУ агендата и други теми и прашања кои се од интерес за функционирањето на организациите на локално ниво. Мобилниот ресурсен центар има за цел Граѓанскиот ресурсен центар да се доближи до локалните организации во различните општини и региони и да поразговара за потребите и предизвиците со кои се соочуваат организациите во своето работење.  

На настанот присутните имаа можност за непосредна средба и разговор со Ѓорѓи Нанчев, регионален експерт на Граѓанскиот ресурсен центар за Вардарскиот плански регион и долгогодишен граѓански активист од Кавадарци, кој во наредниот период ќе работи со граѓанските организации од регионот и ќе им обезбедува советодавна и менторска поддршка за нивниот развој и делување.

Дел од присутните го изразија своето задоволство од можностите за соработка со регионалниот експерт за Вардарскиот плански регион и со ГРЦ воопшто: „Со големо задоволство ја поздравуваме иницијативата за работата на ГРЦ и нивниот регионален експерт во Кавадарци, која претставува значаен чекор кон зајакнување на граѓанскиот сектор, поттикнување на активно граѓанство и унапредување на локалниот развој. Веруваме дека преку воспоставување на соработка помеѓу ГРЦ и НВО Центарот во Кавадарци ќе се создадат нови можности за поддршка на граѓанските организации. Особено ја истакнуваме важноста од организирање обуки за подготовка и аплицирање на национални и меѓународни повици, активно вмрежување и размена на искуства, кои сметаме дека ќе придонесат кон поголема информираност, подобра поврзаност на организациите и поуспешно искористување на достапните можности за финансирање и развој на локалните иницијативи. Посакуваме многу реализирани активности во интерес на граѓаните и локалната заедница“ изјави Орданче Бошковски-Бошка, координатор на НВО Центар Кавадарци.

Понатаму, некои од присутните ги споделија предивизиците во своето дејствување, кои главно се однесуваа на финансиските ограничувања со кои се соочуваат, искажувајќи надеж дека активностите на ГРЦ, особено прегледот на можностите за финансирање на ГО  ќе им помогне во нивното надминување. Блаже Левовски од ГО ЕКО ТУРИСТ-Бошавија од Кавадарци сподели неколку идеи од областа на делување на ова здружение, истакнувајќи дека досега потешко се доаѓало до финасии за ваков тип на активности, но „редовното следење на прегледот на ГРЦ за можностите за финансирање сметаме дека ќе ни помогне за нивно надминување, особено со поддршката која ја очекуваме од  регионалниот експерт на ГРЦ за Вардарскиот плански регион“ истакна тој.

Ние сме нова, млада организација и секоја поддршка за која овде слушнавме дека ја нуди ГРЦ сметаме дека ќе ни биде од корист“ додаде Билјана Јанкова од СОС детско село, Советувалиште Кавадарци.

На средбата беа присутни и општински претставници кои го изразија своето задоволство од  посетата на Мобилниот ресурсен центар во оваа општина: „Мобилниот ресурсен центар за општина Кавадарци во овој момент е од големо значење, особено земајќи го предвид искуството на регионалниот екперт за нашиот регион, кој што треба да стигне до самите организации, притоа нудејќи им ги потребните информации, едукации и обуки, како и помош при вмрежување“ рече Сашо Мошев од Секторот за локален економски развој при општина Кавадарци.

Општинската администрација остварува редовна соработка со невладините организации. Како дел од транспарентното работење на општина Кавадарци и континуираното унапредување на комуникацијата со граѓаните и граѓанските организации, беше направено ажурирање на податоците за сите граѓански организации, со цел да се овозможи навремено информирање за настаните и активностите што општина Кавадарци ќе ги организира во наредниот период. Општината доделува финансиски средства за невладини организации на јавен повик, но исто така и јавно ги објавува Резултатите за распределените финасиски средства; Резултатите од евалуацијата на предлог-проекти од јавниот повик– ReLOaD3  и сл., а посебни повици објавува и за финансиска поддршка на спортски клубови и здруженија.

Општината има Комисија за еднакви можности и Стратегија за родова еднаквост 2024-2027, како и Локален младински совет и Локална стратегија за млади 2025-2029 .

Посетата на Мобилниот ресурсен центар беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.