Двете здруженија, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Центарот за стратегиски истражувања и анализи Битола, спроведоа мониторинг на говорот на омраза и дигиталните закани за време на Локалните избори 2025 година. Овие активности беа реализирани во рамки на нивните суб-грантови добиени преку проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“. Иако мониторингот се заснова на различни методолошки пристапи, наодите укажуваат на постоење на говорот на омраза, поларизација и појава на манипулативни практики во дигиталниот простор.

Хелсиншкиот комитет за човекови права правеа мониторинг на говор на омраза за време на изборите во онлајн и традиционалните медиуми. Податоците покажуваат дека месецот октомври 2025 година, кој ги опфати двата круга на локалните избори, бил обележан со драстично зголемување на говорот на омраза. Во овој период, на платформата www.govornaomraza.mk биле регистрирани вкупно 107 случаи на говор на омраза, што претставува повеќе од двојно зголемување во споредба со претходниот мониторинг период. Од нив, 50 случаи се однесуваат на говор на омраза врз основа на етничка припадност, 35 случаи на национална припадност, 29 случаи на политичка припадност, 9 случаи на сексуална ориентација и родов идентитет и 8 случаи на пол и род. Најизразена е поларизацијата меѓу македонската и албанската заедница, како и зголемените напади насочени кон Ромската заедница. Слични трендови се забележуваат и во предизборниот период (август и септември 2025 година), кога биле регистрирани вкупно 139 случаи на говор на омраза. Најголем дел од нив се однесуваат на етничка (71 случаи и национална припадност (50 случаи), како и на политичка припадност (27 случаи), што укажува на постепено градење на атмосфера на нетолеранција која дополнително се засилува со започнувањето на изборните кампањи.

Следењето на изборите спроведено од Центарот за стратегиски истражувања и анализи Битола укажува на сериозни ризици поврзани со дигиталниот простор. За време на изборниот циклус беа детектирани дезинформации, манипулација со контекст, дискредитација преку непотврдени „докази“, како и ширење поларизирачки и идентитетски наративи. Овие појави се засилуваат во најчувствителните фази од изборниот процес – изборниот молк и деновите на гласање во двата круга – кога јавноста е најранлива, а ризикот од влијание врз довербата и изборниот интегритет е највисок. Наодите дополнително укажуваат дека ваквите појави често се засилени од анонимни онлајн извори, политички и партиски мрежи на социјалните медиуми и дел од онлајн медиумите кои пренесуваат непроверени содржини. Во одредени случаи, спортски и јавни настани се појавуваат како катализатор за ширење националистички и навредливи пораки, што дополнително ги продлабочува општествените поделби.

Наодите од мониторингот покажуваат дека, иако Локалните избори 2025 година формално беа спроведени во согласност со законската рамка, јавниот и дигиталниот контекст беше обележан со сериозни предизвици. Зголемениот говор на омраза, нерамномерната институционална реакција и присуството на манипулативни дигитални содржини го нарушуваат квалитетот на демократскиот процес и придонесуваат кон долгорочна недоверба и поларизација.
Заедничкиот заклучок е дека за унапредување на демократски и инклузивен изборен процес се потребни системски и долгорочни мерки, вклучително и засилен мониторинг за време на изборни периоди, навремена институционална реакција и превентивни и едукативни активности за намалување на говорот на омраза и дигиталните закани.
Активностите се дел од проектите „Мониторинг на говорот на омраза – гаранција за демократски избори” спроведуван од Хелсиншкиот комитет за човекови права и „Дигитален штит: Мониторинг на локалните избори 2025 од хибридни закани во дигиталниот простор” спроведуван од Центарот за стратегиски истражувања и анализи Битола, кои се суб-грантови добиени во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија.




