Кул си ако помагаш без да очекуваш нешто за возврат!

15 Дек 2025

„Потребно е поголемо вложување од образовните и другите институции за пренесување позитивни примери и истакнување волонтери кои ќе бидат модел за младите. Треба да се создадат повеќе можности, да се дава добар пример и активно да се промовира волонтерството како вредност што ја гради заедницата” беше општиот заклучок на дебатата под наслов: Дали ги пренесуваме вредностите на волонтирањето на идните генерации?”, со која на 5 декември 2025 година, во Ресурсниот центар во Штип, традиционално се одбележа Денот на волонтерството.  Настанот на кој учествуваа над 70 учесници беше исполнет со активности преку кои младите дебатираа што значи волонтерство, неговите карактеристики и вредности. Преку квиз ги проверуваа своите знаења, а во креативниот дел на настанот изработија честитки за возрасните волонтери, како знак на благодарност за нивната посветеност.

Младите им објаснија на возрасните што научиле од оваа дебата, а нивната заедничка порака беше едноставна и искрена: „Среќен ден на волонтерството!“

Дебатата беше организарана на начин на кој учениците од ученичката организација при ООУ „Димитар Влахов“ – Штип практично покажаа позитивен пример на активно волонтирање и придонес за реализацијата на овој настан.

Во вториот дел, претставници од граѓанските организации, институции и млади средношколци споделија успешни приказни од организирање волонтерски акции. Главната тема беше пренесувањето на волонтерските вредности и прашањето дали се прави доволно за младите да ги препознаат придобивките од волонтирањето? Заклучокот беше јасен: Потребни се повеќе можности, повеќе примери и повеќе поддршка!

„За мене волонтирањето е чин на поставуање на повисоки стандарди за тоа како би требало да се однесуваат сите луѓе во нашето општество, чин со кој се покажува љубов кон заедницата. Волонтирањето е најчистата форма на граѓанско учество и двигател на позитивни промени“ рече Дејан Андов – претседател на Сојузот за младинска работа. Тој сподели дека преку волонтирањето се изградил како личност и пронашол истомисленици со кои ги дели истите вредности, а неговата порака која на оваа дебата ја испрати до младите беше:  Бидете храбри, инспирирајте и создавајте успешни волонтерски приказни. Кул си ако помагаш без да очекуваш нешто за возврат!

Андов упати и искрени пофалби за организацијата, за масовната присутност на младите и нивното познавање на волонтерството.

На крајот на настанот младите девојки кои ја организираа манифестацијата „Очи на Шопов“ ја споделија својата волонтерска приказна со голема пасија — уште една потврда дека иднината на волонтерството е во сигурни раце!

Настанот е дел од проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија. Спроведуван е од Националната фондација за развој на граѓанското општество „Граѓански ресурсен центар“, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Асоцијацијата за демократски иницијативи Гостивар и Медиа плус Штип.