Младите од Гостивар ги откриваа вредностите на волонтерството

12 Дек 2025

„Промоцијата на волонтерството придонесува кон јакнење на свеста на младите како да бидат покорисни во својата заедница. Меѓудругото, волонтирањето ги учи младите на тимска работа, им овозможува да ги развиваат нивните капацитети и вештини за решавање на предизвици и го трансформираат младиот човек во активен граѓанин“ беа некои од заклучоците на дебатата за волонтерство, која на 04 декември 2025 г. се одржа во Ресурсниот центар во Гостивар.

Целта на настанот беше да се одбележи Светскиот ден на волонтерите и да се допринесе кон охрабрување на граѓаните, првенствено младите, да се вклучуваат и самите да иницираат волонтерски акции за позитивни промени во своите заедници.

Во првиот дел од настанот од страна на фацилитаторот Златко Талевски беа презентирани основните принципи на волонтерството, како и типовите активности кои влегуваат во пошироката концептуална рамка на волонтирањето:

  1. Помош или самопомош во заедницата (хуманитарни акции, помош при природни катастрофи...),
  2. Филантропија или служење на другите,
  3. Партиципација и граѓански ангажман (активност во граѓански организации, граѓански иницијативи, неформални групи...) и
  4. Застапување и учество во кампањи или настани (учество за застапување на некоја кауза или учество во кампања на политичка партија или политичко движење, волонтирање на спортски настани и сл.)

Потоа, учесниците преку интерактивна дебата дискутираа изјави поврзани со волонтерството и заземаа позиции во зависност од тоа дали се согласуваат со изјавите или не, аргументирајќи зошто мислат дека нивниот став е правилен. Во текот на дискусијата учесниците имаа можност да ја променат својата позиција, доколку аргументите од спротивната страна ги убедат во тоа.

Оваа работилница по повод Меѓународниот ден на волонтерство е една од подобрите работилници на кои сум учествувал и ми остави силни впечатоци“, изјави Ерин Сулејмани, волонтер во Црвен Крст.

Во вториот дел од настанот, учесниците работеа во три групи по моделот World Café, каде ги анализираа сличностите и разликите меѓу волонтирањето, практикантството и стажирањето. Следеше ротирање низ групите и на крајот презентација на заедничките заклучоци.

Дебатата беше се што очекував. Научив многу нови и корисни работи кои ќе ми помогнат да бидам покорисна во својата заедница“ изјави Деа Абдулаи, средношколка, учесник на дебатата.

По дебатниот дел беа презентирани примери за активности и акции кои се дел од пошироката рамка на волонтирањето, визуелно прикажани преку фотографии и лични сведоштва од волонтери, како инспирација за идни вклучувања. „Целиот настан помина инспиративно и ми остави позитивен впечаток. Научив нови начини како да се вклучам во волонтерски активности и да направам разлика во заедницата“ изјави Ели Ѓурчиноска, средношколка.

Дебатата беше интересна и корисна и за Дарио Михајловиќ, средношколец: „Поминав одлично и уживав во споделените примери и дискусиите со останатите учесници. Научив колку е важно волонтерството за заедницата и како секој од нас може да придонесе со мали, но значајни дела“ додаде тој.

Настанот покажа дека волонтерството е начин младите да се активираат, да учат преку учество и да придонесат кон развивање на заедницата во која живеат.

Настанот е дел од проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија. Спроведуван е од Националната фондација за развој на граѓанското општество „Граѓански ресурсен центар“, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Асоцијацијата за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар и Медиа плус, Штип. Целта на проектот е зголемен капацитет и отпорност на граѓанските организации за тие да бидат компетентни, ефективни и отчетни независни чинители и околина која е погодна за граѓанското општество.