На 10.06.2024 год се одржа посета на Мобилниот ресурсен центар во општина Центар Жупа. На средбата присутните претставници на локалните граѓански организации, млади активисти, претставници на општината и други активисти се запознаа со функционирањето на Граѓанскиот ресурсен центар и локалните ресурсни центри, услугите и другите можности кои ги нуди, како и тековните активности.
Претседателката на огранокот на “Радика-ДЕ” истакна дека тие како огранок се неупатени во однос на повици за финансирање на граѓанските организации и овие информации им се добредојдени. Исто така беше заинтересирана за обуките кои ги нуди Граѓанскиот ресурсен центар, а се со цел да станат поодржливи и посамостојни во својата работа. Присутните изразија голема потреба од јакнење на локалните организации и граѓанските активисти во оваа општина.
На средбата присуствуваше и г-дин Аријан Ибраим, градоначалникот на Општина Центар Жупа. Тој истакна дека како општина се соочуваат со голем проблем на миграција на млади во странство и дека истите кога доаѓаат назад не се заинтересирани да придонесат нешто повеќе за заедницата. Дополнително, општината се соочува и со финансиски и проблеми со инфраструктурата. Меѓутоа г-дин Ибраим истакна дека како општина се отворени за соработка, ги подржуваат граѓанските организации и би ја подржале секоја нивна нова иницијатива која ќе придонесе за заедницата.
Посетата на Мобилниот ресурсен центар беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.