На 18 јуни 2026 година во Општина Крива Паланка, Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) одржа отворен ден со граѓанските организации од Крива Паланка, на кој беа претставени можностите за поддршка, јакнење на капацитетите и развој на граѓанското општество.
Пред претставниците на локалните здруженија, Валентина Величковска, извршна директорка на Граѓанскиот ресурсен центар, ги презентираше актуелните состојби во граѓанскиот сектор во земјата, како и можностите за негов понатамошен развој. На настанот беше претставена Жаклина Цветковска, регионален експерт на ГРЦ за Североисточниот плански регион, која во наредниот период ќе обезбедува советодавна и менторска поддршка за организациите од регионот.
Во отворената дискусија учесниците ги споделија своите потреби, предизвици и очекувања, нагласувајќи ја важноста од континуирана поддршка за развој на организациските капацитети, подобра информираност и поголема вклученост на младите.
Делфина Петковска од КУЗ „Карпош“ од Крива Паланка истакна дека младите во локалната заедница се недоволно организирани, што се одразува врз нивното учество во граѓанскиот сектор. „Назначувањето регионален експерт за Североисточниот регион и поддршката од ГРЦ ќе придонесат за поорганизирано и поактивно вклучување на младите во граѓанските иницијативи. Најважно е што ќе можеме да ги користиме ресурсите на ГРЦ за обуки, менторство и соработка, и што ќе има кој да не насочува и информира. Ова е можност да ги градиме сопствените капацитети, да ги развиваме своите проекти, да градиме партнерство и да имаме подобар пристап до донаторските програми за да придонесеме за развојот на граѓанското општество во нашата заедница и во регионот“, рече таа.

Милица Николовска, член на КУЗ „Распеани Паланчани“ и на Здружение „Осоговски акцијаши“ смета дека партнерството со ГРЦ ќе им помогне да ги зајакнат организациските капацитети за поголема видливост на нивните активности, што е можност за привлекување нови членови и волонтери. Од големо значење е што преку регионалниот експерт ќе обезбедат советодавна и менторска поддршка за ги развиваат своите идеи и да имаат поголемо влијание во локалната заедница. „Поддршката од ГРЦ ќе ја искористиме за зајакнување на нашите комуникациски вештини за препознатливост во општината и во граѓанскиот сектор, со цел да поттикнеме вклучување на младите волонтери во нашите активности. Оваа соработка ни овозможува и да ги систематизираме нашитите активности преку кои ќе градиме одржливи модели на финансирање и ќе развиваме проекти за аплицирање пред донаторските фондови“, истакна Николовска.
Поддршка за иницијативата изрази и Општина Крива Паланка. Антонио Давитковски, раководител на Одделението за локален економски развој и евроинтеграции, нагласи дека општината веќе обезбедува финансиска поддршка за граѓанските организации и ја поздрави иницијативата на ГРЦ за систематско зајакнување на нивните капацитети. „Како општина издвојуваме значителни средства за поддршка на граѓанските организации, а многу од активностите, особено што се однесува на култрата и спортот, се децентрализирани и ги спроведуваат самите здруженија со финансиски средства обезбедени од локалната самоуправа. Затоа, ја поздравувам иницијативата на ГРЦ да работи активно на зајакнување на капацитетите на граѓанскиот сектор, во што и ние како општина ќе се вклучиме. Бидејќи работиме според ЛОД методологија за распределба на јавните средства, мислам дека е потребно во соработка со ГРЦ заеднички да спроведеме обука за граѓанските здруженија за подготовка на проектни апликации. Така ќе ги зајакнеме капацитетите на граѓанскиот сектор за развивање проектни идеи, а воедно ќе добиеме и квалитетни проекти што би ги поддржале. Како ресурсите на ГРЦ, така и општинските ресурси ги ставаме на располагање и мислам дека заеднички многу поефикасно ќе влијаеме на локалниот развој и подобра овозможувачка околина за граѓанското општество”, истакна Давитковски.

Настанот потврди дека постои силен интерес кај локалните организации за унапредување на нивните капацитети, за меѓусебно поврзување и за поактивно учество во процесите на локален развој. Преку регионалната поддршка што ја обезбедува Граѓанскиот ресурсен центар, локалните организации ќе имаат пристап до информации, советодавни поддршка, менторство и програми за јакнење на нивните капацитети.
Посетата на Мобилниот ресурсен центар е организирана во рамките на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Фондацијата Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Асоцијацијата за демократски иницијативи – Гостивар и Медиа Плус – Штип.




