fbpx

Формирањето на Локален младински совет- предизвик за младите беровчани!

8 Окт 2024

„Формирање на Локален младински совет во нашата општина е предизвик со кој во моментов се соочуваме“ истакнаа претставниците на локалните организации и младите активисти од Берово, на средбата со тимот на Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ), која се одржа на 03 октомври 2024 година во салата за состаноци на Советот на општина Берово.

Присутните дискутираа за потешкотиите со кои се соочиле при формирањето на Локален младински совет, кои главно се должат на недостигот на интерес помеѓу младите во оваа општина. Во текот на дискусијата, истакнаа дека, според нив, тоа се должи на малиот број младински и организации за млади на територијата на општината, но исто така и на недоволна информираност на младите за значењето на младинското учество и активизам, како и пристап до информации кога се распишува јавниот повик.

Како еден од начините за надминување на оваа состојба, присутните млади го предложија зголеменото информирање на нивните врсници и од ГРЦ побараа поддршка за одржување на едукативна работилница за двете постојни средношколски организации, која, покрај запознавање со законските одредби, би опфатила и формална комуникација за да научат како се пишуваат барања и известувања до институциите. По едукативната работилница, рекоа тие, би можела да се организира и поширока информативна средба за сите ученици во средното училиште за да се објасни за значењето и придобивките од младинското учество.  На овој начин, самите ученички организации би се оспособиле самостојно да работат на информирање од оваа област, со што интересот помеѓу средношколската младина би се зголемил.

Покрај дискусиите за прашања од интерес за младите, кои беа поттикнати од присутните, и обврските на локално ниво коишто произлегуваат од Законот за младинско учество и младински политики, на оваа средба присутните се информираа и за можностите што ги нуди ГРЦ како и актуелностите за развој на граѓанското општество на локално и национално ниво. Во овој поглед присутните покажаа особен интерес за начинот и процедурата за пријавување на отворениот Повик за Акциски грантови за локални иницијативи, објавен од ГРЦ,   но исто така истакнаа и дека не се многу запознаени и со други финансиски можности за поддршка на овие здруженија. Во оваа насока се дискутираше за месечниот преглед на отворени повици што Граѓанскиот ресурсен центар редовно го подготвува и споделува со граѓанските организации.

Во однос на поддршката на граѓанскиот сектор во општина Берово, претставниците на општинската администрација истакнаа дека иако општината нема Стратегија за соработка со граѓанските организации, во годишниот општински буџет одделуваат средства за здруженија на граѓани, просечно во износ од околу 500.000 денари. За финансирање на граѓанските организации објавуваат јавен повик за кој имаат подготвено формати и критериуми за аплицирање, но исто така, средства се одобруваат и надвор од јавниот повик, само врз основа на поднесени барање на организациите, согласно висината на расположливиот општински буџет.

На средбата, општинските претставници информираа дека имаат одредено одговорен службеник за млади, Комисија за еднакви можности меѓу мажите и жените и назначен координатор за еднакви можности, а во соработка со општините Делчево и Пехчево имаат подготвена Стратегија за еднакви можности на мажите и жените за периодот 2023-2026, како и Локален акциски план на општина Берово и Ромската заедница за периодот 2023-2026.

Дел од учесниците го истакнаа своето задоволство од одржување на ваквите средби. “Информативните средби од ваков вид се повеќе од потребни за здруженија од помалите општини како што е Берово. За да може да се промовира граѓанскиот активизам и граѓанските здруженија потребно е почесто да има вакви информативни средби и работилници, како што е денешната“ истакна Ѓорѓе Станковиќ од Еко Зелено Движење од Берово. “Секако, добро е да се искористат можностите за аплицирање на вашиот отворен повик за Акциски грантови за локални иницијативи“, додаде тој и побара дополнителни информации за тековниот повик. 

Оваа посета на Мобилниот ресурсен центар го доближува ГРЦ до локалните организации во различни општини и дава можност за дискусија за потребите и предизвиците со кои се соочуваат организациите во своето работење.  

Посетата на Мобилниот ресурсен центар беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.

Јавен повик за избор на 14 членови и заменици членови на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество од редот на здруженијата и фондациите

Јавен повик за избор на 14 членови и заменици членови на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество од редот на здруженијата и фондациите

Информативни сесии На 20 јануари 2025 година, Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија објави јавен повик за избор на 14 членови и заменици членови на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество од редот на здруженија и...

Одржана обука за новите 14 грантисти за спроведување на локални иницијативи

Одржана обука за новите 14 грантисти за спроведување на локални иницијативи

На 26 декември 2024 се одржа онлајн обука за избраните грантисти на повикот за акциски грантови за локални иницијативи. На настанот беа обучени претставници на 28 организации, кои во следните девет месеци ќе спроведуваат акциски грантови за локални иницијативи во...

Преку вмрежување до посилно граѓанско општество

Преку вмрежување до посилно граѓанско општество

На 24 декември 2024 во Ресурсниот центар во Гостивар се одржа регионална средба за вмрежување организирана од страна на тимот на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2”. Средбата претставуваше можност за граѓанските организации од регионот да...