Младинските граѓански организации и младинските работници многу често истакнуваат дека младите немаат доволно ресурси за да можат да водат активен социјален живот, да учествуваат во демократските процеси во општеството, а со тоа да се етаблираат како активна социјална група. Тие многу малку се вклучени во процесот на одлучување и тешко стигнуваат до информации за нови можности и решенија за нивните интереси. Промовирањето и практикувањето на волонтерството во локалните заедници може да биде начин за подобрување на оваа состојба бидејќи волонтерството има голем потенцијал да го подобри квалитетот на животот во локалните заедници, да го зголеми учеството на младите во јавниот живот и да создаде чувство на одговорност за решавање на проблемите што постојат во заедниците.
Оттука произлегува неминовноста секоја локална самоуправа да изнаоѓа начини за поттикнување на волонтирањето особено меѓу младите луѓе. Општина Битола е една од најнапредните општини во земјава во поглед на промовирање на волонтерството. Во соработка со граѓанскиот сектор, таа е прва општина која формира Совет за волонтерство како консултативно тело на Советот на Општина Битола. Телото активно работи од 2018 година и има за цел зголемување на младинско учество во локалната заедница преку волонтерство и препознавање и признавање на волонтерскиот труд на локално ниво.