На 26 септември, Мобилниот ресурсен центар одржа средба со граѓанските организации во општина Дојран. Oрганизациите беа информирани за можностите и услугите што ги нуди Граѓанскиот ресурсен центар. Локалните организации изразија најголем интерес за јакнење на нивните капацитети за пишување проектни апликации и спроведување на проекти и за начините на мотивирање и вклучување на младите во работењето на организациите.
Претставниците на организациите изјавија дека соработката меѓу самите организации како и со општината е на задоволително ниво, а дел од нив се пофалија дека соработуваат и со сродни организации од регионот и пошироко. Сепак, малиот број активни организации во општината се спортските и културно-уметничките здруженија, здружението на пензионери, планинарското и здружението на жени. Слаб е интересот меѓу младите за волонтирање и вклучување во работењето на локалните организации.
Општината доделува финансиски средства за локалните организации но, главно тие завршуваат кај спортските здруженија. Јавниот повик се отвора во декември, а одлуката ја носи општинскиот совет. Според градоначалникот на Општина Дојран, г. Анго Ангов, слаб е интересот на организациите и тие не се активни во општината. Дополнително тој ја потврди слабата заинтересираност меѓу младите и посочи неколку активности планирани за следниот период за мотивирање и поактивно вклучување на младите во општината. На состанокот со градоначалникот беше потенцирана и обврската на општината согласно Законот за младинско учество и младинска политика за функционални младински совети, постоење на службеник за млади во општината и отварање на младински центри.
Овој настан беше организиран во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.