Одделението за соработка со невладините организации при Генералниот секретаријат на Владата во партнерство со проектите финансирани од Европската Унија „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” и „Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во Република Северна Македонија” во текот на октомври 2024 г. спроведе циклус на консултации со граѓанските организации за изменување и дополнување на Одлуката за формирање на Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество.
На консултациите беа презентирани и дискутирани нацрт измените и дополнувањата на Одлуката, подготвени врз основа на пристигнатите предлози од граѓански организации по јавниот повик за доставување предлози, објавен од Одделението за соработка со невладини организации на Генералниот секретаријат на 5.9.2024 година. Цел на консултациите беше да се овозможи транспарентен и инклузивен процес на реформирање на актот со кој се основа Советот, а со цел унапредување на структурираниот дијалог помеѓу граѓанското општество и Владата.
Над 90 претставници на граѓанските организации и државните институции ги дадоа своите коментари и препораки на трите консултативни средби одржани онлајн (15.10.2024), во Гостивар (24.10.2024) и во Битола (25.10.2024), како и на Работилницата за финализирање на измените и дополнувањата на Одлуката за формирање на Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, одржана на 01.11.2024 во Граѓанскиот ресурсен центар.
На секој од овие четири настани за консултации се презентираше процесот, причините поради кои беше започната постапката за измена на Одлуката и важноста од ефикасен Совет, а потоа следуваше детална презентација на изработената нацрт Одлука. Сите учесници на настаните имаа можност непосредно да ги изнесат своите ставови и коментари во однос на предложените измени, кои главно се состоеја од предлози за надминување на одредени проблеми со кои Советот се соочувал во текот на своето досегашно делување, а поврзани со начинот на обезбедување на членови и обезбедување на кворум за работа, предлози за тоа како да се придонесе кон поголема оперативност и ефикасност во работата, начини за зајакнување на легитимитетот на членовите и начини со кои ќе се обезбеди соодветно претставување на граѓанските организации.
Со предложените измени во Одлуката се регулира обврската на членовите на Советот од редот на граѓанските организации да ги информираат, консултираат и вклучуваат засегнатите страни во областа што ја претставуваат за работата и заклучоците на Советот и да подготвуваат годишен извештај за спроведувањето на планот за координација и комуникација со организациите во областа што ја претставуваат. Досегашното работење на Советот како и самите консултации покажаа дека има потреба од намалување на бројот на членови на Советот, следствено со предложените измени и дополнувања на Одлуката се предложи бројката на членови да се намали од 31 член на 27 членови, односно 13 членови од редот на вработените во органите на државната управа и 14 членови од редот на граѓанските организации. Новина со овие измени и дополнувања на Одлуката е воведувањето на заменици на членовите на Советот. Дополнително, со предложените измени им се дава можност на граѓанските организации да можат да гласаат за повеќе кандидати од различни области на делување, се додека граѓанските организации можат да покажат дека нивната организација делува во тие области на делување. На консултациите се дискутираше и за модалитети за обезбедување континуитет во работата на Советот како и зајакнување на влијанието на Советот при носење на одлуки и креирање политики кои се однесуваат на граѓанските организации.
Врз основа на пристигнатите предлози од граѓански организации по јавниот повик за доставување предлози, како и дискусиите, коментарите и препораките дадени на овие четири консултативни средби, ќе биде изработен нацрт текст на измените на Одлуката кои понатаму ќе бидат поднесени од страна на Одделението за соработка со НВО при Генералниот секретаријат до Владата на одлучување.