Кризата предизвикана од пандемијата најсилно ги погоди најранливите граѓани и ги покажа недостатоците на системот за поддршка. Иако малку се говори, ЛГБТИ заедницата исто така е под големо влијание на моменталната ситуација. И кај нив се зголеми стравот од губењето на работни места, стресот во врска со нивната егзистенција. Во овие моменти, голем дел од нив зависат од солидарноста на луѓето кои ги разбираат и сочувствуваат со нив. Меѓу примарните потреби им се еднаквиот пристап до здравствената заштита, пазарот на труд, правото и социјалната заштита.
За првпат Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата на 17 мај годинава се прослави без јавни настани поради коронавирусот. Од ЛГБТ Јунајтед велат дека за овие лица останува предизвикот за слобода, поради тоа што не можат да бидат тоа што се, поради дискриминацијата, насилството или неприфатливата средина во која живеат.
За време на кризата заедницата најмногу е погодена од економската несигурност. „Најголемите проблеми се губењето на работното место, по што овие лица не можат да ги покријат трошоците за основните намирници, а камо ли за кирија, со што им се заканува губење на живеалиштето“, вели Беким Асани, претседател на ЛГБТ Јунајтед.
Здружението е особено активно на терен со повеќе различни активности. Активистите досега имаат обезбедено над 250 пакети храна кои ги дистрибуираат до најранливите ЛГБТИ лица во земјава, платиле кирии за неколку граѓани да не станат бездомници, а исто така купиле лекови за оние кои имале итна потреба. Покрај работата на терен здружението отвори линија за психосоцијална поддршка на ЛГБТИ заедницата и истата редовно ја информираат во врска со пандемијата и мерките на претпазливост.
Асани вели дека заедницата е навистина солидарна, не само со ЛГБТИ лицата, туку и со останатите загрозени заедници. „Први кои излегоа на помош беа ЛГБТИ лица кои по потекло се од тука, но живеат во Данска и Холандија. Можеме да кажеме дека околу 70% од помошта доаѓа од индивидуални донатори кои знаат и веруваат во нашата кауза. Тие се сигурни дека помошта ќе биде однесена таму каде што е најпотребна“, појаснува тој.
Но, напорите на организацијата за поддршка и застапување на ЛГБТИ заедницата не застануваат тука. Токму за време на вонредната состојба Уставниот суд реши да прогласи неуставност, т.е. да го укине Законот за спречување и заштита од дискриминација. Оваа одлука доаѓа во време кога се носат само најитните уредби што влијаат на кризата предизвикана од коронавирусот. Од здружението велат дека се разочарани од ваквиот развој на настаните, но дека се спремни со нови сили да се борат за повторно донесување на законот.
Иако често сме сведоци дека нашето општество е поделено, сепак наша одговорност како граѓанско општество е да создадеме прилики за сите луѓе да можат да бидат она што се и да се чувствуваат прифатено поради тоа. А за едно општество да биде инклузивно за сите, потребно е секое човечко битие да биде третирано со достоинство како што заслужува, да биде слободно и да ги има сите права.
ЛГБТИ Јунајтед Тетово се корисници на грант од Граѓанскиот ресурсен центар за обезбедување на заштитна опрема за членството на здружението, 45 хуманитарни пакети за ЛГБТИ заедницата како и можности за понатамошно навремено информирање на заедницата за ризиците и справувањето со COVID-19 кризата.