Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) продолжува да ги јакне граѓанските организации. На 23-24 ноември 2023 во Штип се одржа втората од планираните четири, Работилница за планирање проекти и пишување на проектни апликации.
Оваа работилница се одржа како последователна активност на онлајн Обуката за планирање проекти и пишување проектна апликација, која беше услов за учество на работилницата.
„После поминувањето на сите 6 подготвителни онлајн модули од Обуката за планирање проекти, работилницата беше одлична можност да стекнеме практични вештини за подготовка на проектни апликации“, изјави Виктор Атанасов од Младинската Асоцијација КРЕАТИВ од Кавадарци. “На работилницата, преку практичната работа во групи имавме прилика да ги опфатиме сите фази на еден проектен циклус“ рече тој.
Учесниците можеа да го зголемат знаењето и вештините за развој на проектна идеја и планирање на проект, анализа на проблеми, анализа на цели и избор на проектна стратегија, пристап на логичка рамка, логика на интервенција, индикатори за проверка на успехот на проектот, претпоставки и ризици. Тие стекнаа знаења и за алокација на ресурси за планираните активности и подготовка на буџет за проектот. Преку практичните вежби, учесниците стекнаа знаења за пополнување на формата за аплицирање и нејзино поврзување со логичката рамка.
По работилницата, со обучените организации ќе се спроведат менторски активности со што ќе се осигура дека предвидените резултатите се финализирани.
Маја Чадиева Јенсен Фондација Фокус Велес ја опиша работилницата како “многу корисна, одлично организирана и практична“. “Предавачите имаа топол однос, трпение, максимална посветеност и навистина беа срдечни домаќини. Покрај сублимираната корисна теорија, слушнавме и живи примери од нивната изобилна досегашна пракса како сублимат од позитивни искуства кои ќе ни помогнат за успешна примена на наученото во нашите идни проектни апликации. Запознаваме и многу организации од други градови од земјава со кои не сме имале можност да се сретнеме до сега и воспоставивме соработка која веруваме ќе биде плодна во иднина. Одлична целина на знаење плус умеење и силна мотивација за наш успех во иднина! “ рече таа.
И за Игор Гаврилов од Здружението на одгледувачи на пчели ПЧЕЛА од Пробиштип, искуствата се позитивни. „Одлично организирана и спроведена обука во Штип, на која обучувачите на високо професионално ниво ги презентираа и пренесоа на пристутните своите знаења и вештини“ рече тој.
Интересот на граѓанските организации за јакнење на нивните капацитети од оваа област беше многу голем. На јавниот повик за учество на Работилницата се пријавија 100 претставници на ГО, од нив, за оваа работилница беа селектирани 16 учесници. До крајот на февруари 2024, ГРЦ планира да спроведе уште две работилници на оваа тема со пријавените претставници на ГО.
Работилницата беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар