Граѓанскиот ресурсен центар распишува отворен повик за обучувачи за спроведување на програмата за градење капацитети на граѓанските организации (ГО).
Обуките од Програмата за градење капацитети за кои е потребно надворешни обучувачи ќе бидат спроведени во текот на октомври 2019 – февруари 2020 година. Секоја обука е планирано да трае по два работни дена и избраниот обучувач ќе има вкупно ангажман од четири работни дена по обука, односно 1.5 дена за подготовка на обуката, 2 дена за спроведување и 1/2 ден за известување.
Успешните кандидати треба да ги задоволуваат следните критериуми:
- Да има завршено високо образование и стекната диплома од релевантната област
- Да има најмалку 10 години професионално искуство во граѓанско општество
- Да има најмалку пет години професионално искуство во спроведување обуки
- Да има спроведено најмалку три обуки на темата за која се пријавува
- Да поседува солидни комуникациски, презентациски и фацилитаторски вештини
Следат детали за темите за кои се однесува повикот за обучувачи:
Обука за генерирање на фондови
Учесниците на оваа обука треба се запознаат со различните можности за финансирање на ГО како и со различните методи, техники и алатки за планирање и спроведување активности за генерирање фондови. На обуката треба да бидат покриени следните теми: алатки, методи и вештини за генерирање на фондови; идентификување потенцијални можности за финансиска одржливост на организацијата/извори, форми, активности за генерирање фондови; стратегии за мобилизирање ресурси, финансиска одржливост и диверзификација на приходите во организацијата; акциски план за финансиска одржливост и сл.
Обука за пишување на проектна апликација – од проектна идеја до успешна проектна апликација
Со помош на оваа обука учесниците заедно со обучувачот треба да го поминат процесот на пишување на проектна апликација. Низ практична работа, претставниците на граѓанските организации треба да работат на анализа на повик за финансирање; анализа на капацитети на организацијата за подготовка и имплементација на проект во согласност со целите и очекуваните резултати; анализа на контекст; изготвување на логичка рамка, креативно и иновативно пишување на предлог проект, планирање на буџет итн.
Обука за финансиско работење и финансиска отчетност и транспарентност на ГО
Обуката има за цел да придонесе кон зајакнување на капацитетите на организациите за подобри практики за финансиска отчетност и транспарентност. Учесниците треба да се запознаат со теми како: финансиско, сметководствено и даночно работење на ГО; следење на финансиските средства во рамки на буџетите во деловите на оперативни и директни трошоци; внатрешна контрола и финансиски надзор; стандарди за транспарентност кон целните групи; разбирање на важноста на диверзификација на фондови и разбирање на карактеристиките на различни финансиски извори (грантови, донации, економски активности, индивидуално давање, членство итн.); разбирање на важноста на долгорочните финансиски планови и проекции и сл.
Обука за истражување и методи за истражување
Учесниците треба да се запознаат со истражувачкиот процес и поконкретно со теми како: дизајн на истражување и методолошки пристап; дефинирање на проблем и предмет на истражувањето; поставување на цели; креирање на хипотетска рамка; прибирање на податоци, избор на валиден примерок; методи, техники и алатки на истражување; анализа на податоци; подготовка на извештај и писмено формулирање и комуникација на добиени резултати. Дополнително организациите на обуката треба да се запознаат со влијанието и употребата на истражувањето во креирање политики.
Обука за мониторинг и евалуација на ГО
Оваа обука ќе придонесе кон јакнење на капацитетите на граѓанските организации за следење и евалуација на нивното работењето, а особено резултатите и влијанието на нивната организација. Преку програмата, учесниците ќе се запознаат со различни методи и системи за мониторинг и евалуација во организацијата како и алатки за самооценка на организацијата. Дополнително, организациите треба да научат за избор и карактеристики на добри индикатори за мерење на резултатите и влијанието на работењето на ГО, прибирање на податоци, мапирање и мерење на резултатите и влијанието на работењето на ГО како и користење на наодите од мониторингот и евалуацијата.
Обука за граѓанско учество во процесот на донесување одлуки на локално ниво
Со помош на обуката учесниците подобро треба да се запознаат со процесите на донесување на одлуки на локално ниво, механизмите и методологиите за ефективно учество на граѓаните во донесување на одлуки на локално ниво (вклучувајќи практични примери и успешни приказни), како и улогата на ГО во процесите на донесување одлуки и видови на соработка меѓу ГО и локалните самоуправи. Дополнително, организациите треба да се запознаат и со застапување и лобирање на локално ниво.
Обука за комуникација и видливост на ГО
Граѓанските организации треба да ги зајакнат нивните капацитети за зголемување на нивната видливост и комуницирање на нивните резултати и постигнувања во јавноста. На обуката треба да бидат покриени теми како: предизвици на ГО во однос на нивната видливост; алатки и методи за комуникација и интеракција со публиката преку комуникациските медиуми; користење на техники на комуникација; уметноста на јасно, моќно комуницирање со публиката; трендови во социјалните медиуми; односи со јавноста и со медиумите; како и подготвување на комуникациска стратегија.
Постапка за изразување интерес
Со цел да се пријавите за обучувач на некоја од горенаведените теми, треба да испратите:
- Писмо за изразување интерес, во кое е наведено за која позиција се пријавувате заедно со финансиска понуда изразена во нето сума по ден (кандидатот може да се пријави за спроведување на обуки на повеќе од една од дадените теми);
- Предлог дневен ред за дводневната обука на дадената тема;
- Професионална биографија;
- Три препораки од слични работни ангажмани
Краен рок за пријавување на отворениот повик е 16 септември 2019 година. Целосната документација за изразување интерес треба да биде испратена на info@rcgo.mk.
Доколку имате прашања поврзани со повикот може да ги поставите на: info@rcgo.mk до 10 септември 2019 година.
Изборот на обучувачи ќе биде направен на почетокот од октомври 2019 година врз основа на претходно утврдени критериуми.
Една од главните цели на Граѓанскиот ресурсен центар е обезбедување услуги за градење капацитети на граѓанските организации за тие да бидат ефективни и отчетни независни актери во македонското општество. За остварување на оваа цел е подготвена Програмата за градење на капацитети врз основа на анализата на потребите на организациите, како и на мерките дефинирани во Насоките на ЕУ за поддршка на граѓанските организации во земјите за проширување 2014-2020.
Обуките се дел од активностите на Граѓанскиот ресурсен центар, проект финансиран од Европската Унија а спроведуван од Македонски центар за меѓународна соработка во партнерство со Асоцијација за демократски иницијативи од Гостивар и Медиа плус од Штип.