Отворен Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје

7 Мај 2018

„Граѓанскиот ресурсен центар е наменет пред сѐ за организациите кои најчесто не се во можност да бидат финансирани од страна на ЕУ. Причината е што тие се мали, а ние сме комплицирани, и затоа што има толку многу граѓански организации што е невозможно сите да ги земеме предвид. Ова е само мало парче поддршка кое им го пружаме ним“, рече Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка во делегацијата на ЕУ во Скопје, на денешното отворање на Граѓанскиот ресурсен центар, со кој ќе раководи Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС, во своето излагање ги истакна заложбите на организацијата околу поддршката на граѓанските организации (ГО) изминатите години. „Идејата за ресурсен центар не е нова во Македонија и во изминатите неколку години оваа активност се одвиваше преку проектот на ЕУ за поддршка на граѓанските организации попознат како ТАКСО, чијшто спроведувач беше исто така МЦМС“, рече тој.

Овој Ресурсен центар ќе обезбеди иновативен и инспиративен простор за големите и мали ГО и активисти. За таа цел, покрај центарот во Скопје, ќе бидат отворени ресурсни центри и во Гостивар и Штип, како и дополнителни мобилни центри заради целосна географска покриеност на државата. Освен тоа, Центарот ќе пружи поддршка и лесен пристап до ресурсите потребни за нормално функционирање на ГО. За нив ќе се спроведат обуки, конференции, ќе се пружа редова логистичка поддршка, ќе се доделат мали и партнерски грантови, ќе се подготват годишни извештаи за овозможувачка околина за ГО, ќе се воспостави биро за информирање и ресурсна веб страна.

„Овој проект не е цел сам по себе. Најчесто се поставува прашањето на одржливост на вакви ресурсни центри. Ние нема да бидеме најсреќни ако центарот постои после три, пет или 10 години, туку ако најголем дел од организациите што ќе бидат корисници на нашите услуги станат одржливи во наредните години“, рече Емина Нурединоска, раководител на одделението на граѓанско општество во МЦМС.

За потребата од силно граѓанско општество и значењето од поддршката на ЕУ во изминативе 10 години говореше Ирена Иванова, програмски менаџер од делегацијата на ЕУ во Скопје. „Она што досега го научивме е дека граѓанските организации навистина треба да го засилат својот глас, заедно да работат околу секторските политики и да им пружат рака на државните институции со проактивна експертиза, што веќе се случува. Така што би рекла дека се наоѓаме во крешендото на целиот овој процес“, истакна таа.

Граѓанскиот ресурсен центар е дел од програмата Национален ресурсен центар за граѓанските организации, спроведуван од МЦМС во партнерство со Медиа Плус од Штип и Асоцијација за демократски иницијативи од Гостивар, а е поддржан од Европската Унија.

Предизвиците на локалните организации во  Македонски Брод

Предизвиците на локалните организации во  Македонски Брод

На 1 декември 2023 година, локалните организации и активистите од општина Македонски Брод се информираа за актуелните случувања на национално ниво за развој на граѓанското општество, можностите за финансирање и јакнење на граѓанските организации, можностите што ги...

Повеќе знаења и вештини за пишување проектни апликации за 16 граѓански активисти

Повеќе знаења и вештини за пишување проектни апликации за 16 граѓански активисти

Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) продолжува да ги јакне граѓанските организации. На 23-24 ноември 2023 во Штип се одржа втората од планираните четири, Работилница за планирање проекти и пишување на проектни апликации. Оваа работилница се одржа како последователна...

Share This