„Постои испрекинатост во работењето на граѓанскиот сектор во регионот. Потребна е поголема соработка и вмрежување на организациите на локално ниво“, изјави Самет Абдули од Националната мрежа за одржлив развој на заедниците во Република Македонија, на средбата што Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) ја имаше со организациите во Маврово и Ростуше на 25 септември. „Исто така, соработката на граѓанските организации со општината и Националниот парк Маврово треба да се подигне на повисоко ниво заради поголема ефикасност и ефективност во работењето на организациите и исполнување на нивната мисија и визија”, додаде Абдули.
Активистите од регионот најмногу се интересираа за отворените повици и финансиските можности за поддршка на нивните активности и градење на нивните капацитети, а како голем проблем го посочија недостатокот на човечки потенцијал во регионот. Соработката меѓу општината и граѓанските организации беше наведена како неминовна особено при аплицирање и спроведување на заеднички проекти.
Средбата беше одлична можност да се промовира и Ресурсниот центар во Гостивар и поддршката што тој ја обезбедува на локалните организации во регионот.
Медат Куртовски, градоначалник на Маврово и Ростуше, којшто членувал во неколку граѓански организации, ја истакна важноста на активното делување на организациите во регионот и покажа целосна отвореност и соработка со Граѓанскиот ресурсен центар се со цел да заживее граѓанскиот сектор во општината.