На Советот му е потребна поголема проактивност од сите организации

Апр 1, 2021

„Советот – мост меѓу граѓанските организации и Владата“ беше темата на онлајн настанот што го организираше Граѓанскиот ресурсен центар на 30 март 2021 година. Ирена Иванова од Делегацијата на Европската Унија, Фани Каранфиловска-Пановска, претседателката на Советот и извршна директорка на Фондација Отворено општество Македонија, Сабина Факиќ, членка на Советот и програмска директорка на Центарот за граѓански комуникации и Сузана Никодијевиќ – Филиповска од Одделението за соработка со НВО при Генералниот секретаријат на Владата на РСМ дискутираа со повеќе од 50 претставници на граѓанските организации за улогата и важност на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор. Ова беше одлична можност за граѓанските организации да се информираат за досегашното работење на Советот но, и да се мотивираат и поттикнат здруженијата и фондациите да бидат активни во изборот на новиот состав на Советот.

Иванова истакна дека дијалогот и соработката на граѓанските организации и владините институции се подобрени во последните три години благодарение на интензивната работа на Советот. Таа укажа на важноста на новите Насоки на Европската комисија (EU Guidelines) за поддршка на граѓанското општество во регионот на проширување за периодот 2021-2027. Според неа, потребно е Советот да се залага и да лобира за вклучување на приоритетните цели од овој документ во новата Стратегија на Владата за соработка со граѓанските организации.

Комуникацијата, консултациите и вклучувањето на граѓанските организации од членовите на Советот од редовите на граѓански организации е клучно за неговото успешно функционирање.

„Сметам дека е потребна многу поголема сплотеност на организациите, да им се даде поддршка на членовите на Советот во процесот на застапување на интересите на граѓанските организации. Во спротивно, не може да се очекува едно тело како што е Советот, во кое товарот паѓа на помал број членови, да создаде услови за решавање на сите проблеми со кои граѓанските организации се соочуваат не денеска, не вчера, туку со децении“, истакна Сабина Факиќ.

Настанот беше искористен и за презентација на јавниот повик за избор на 16 членови на Советот од редот на здруженијата и фондациите што го објави Генералниот секретаријат на Владата на 22 март 2021 година. Никодијевиќ – Филиповска ги претстави условите од повикот како и процесот на избор на нови членови.

„Важно е, организациите што ќе номинираат свои кандидати, да бидат регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации, најмалку три години пред објавувањето на повикот. Во статутот треба да имаат утврдено дејност и цели во областа за која се номинираат кандидатите“, посочи Никодијевиќ Филиповска.

Понатаму, таа истакна дека кандидатите треба да имаат најмалку три години работно или волонтерско искуство во областа за која што се предлагаат како кандидат, како и да имаат експертиза за прашања од граѓанскиот сектор во соодветната област. Рокот за пријавување е до 5 април 2021 година, а повеќе детали за повикот се достапни на веб страницата на Одделението за соработка со невладини организации во Генерален секретаријат.

Во својот прв мандат, Советот постави солидна основа за соработка помеѓу граѓанските организации и Владата. Важно е да продолжи да се надградува и да го подобрува функционирањето за успешно да ја игра улогата на советодавно тело на Владата за унапредување на соработката, дијалогот и поттикнување на развојот на граѓанскиот сектор во државата. Само на тој начин Советот целосно ќе ги оправда очекувањата на граѓанските организации. Од друга страна, граѓанските организации треба да покажат проактивност во овој процес.

Советот има 31 член, од кои 16 од редовите на граѓанските организации, а 15 од редовите на органите на државната управа. Формиран е со одлука на Владата во април 2018 година, по речиси една деценија борба на граѓанските организации за создавање на вакво тело.

Share This