Младите и граѓанските организации заедно дебатираа за културата на волонтирање

11 Дек 2023

„Само ако се создаде поволна средина каде може да се практикува волонтирањето би можеле да сметаме дека со тек на време културата на волонтирање ќе се развива и негува. Затоа, волонтирањето треба да биде соодветно промовирано и поддржано и од организаторите на волонтерската работа а тие треба да имаат развиени програми и политики за волонтери” изјави Драгана Митровиќ на дебатата Култура на волонтирање – реалност или предизвик. Дебатата беше организирана на 5 декември – Светскиот ден на волонтерството, во просториите на Ресурсниот центар во Штип. На настанот повеќе од 80 претставници на граѓански организации и млади имаа можност да дебатираат за состојбата, но и како да се подобри културата на волонтирање во државата.

Во своето излагање Драгана Митровиќ од Ресурсниот центар во Штип истакна дека иако најчесто малите и локални организации работат без финансиски средства и ресурси и врз основа на волонтерскиот труд на неколку посветени волонтери, сепак тоа не треба да биде оправдување зошто малку се вложува во развивање на организациски политики и процедури за волонтери. Таа им сугерираше на организации да се свртат и кон човечкиот капитал, односно волонтерите, за да можат тие да помогнат при постигнување позитивни промени во општеството.

Снежана Симоновска од Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност (Национална агенција) ги презентираше можностите за волонтирање кои се отворени преку програмата Европски солидарен корпус финансирана од страна на ЕУ, а сподели детали и за валидација на стекнатите вештини и знаења за време на волонтирањето преку т.н Youthpass Certificate.  Истовремено, таа нагласи дека согласно статистичките податоци на Националната агенција, многу малку се искористени овие можности за волонтерски проекти од страна на младинските организации и младите од источниот регион на државата, за разлика од другите региони во државата каде континуирано се реализираат волонтерски проекти.

Настанот стави акцент и на правилното разбирање на терминот “волонтирање“,  што претставува доброволно, бесплатно делување кое што е од поширок јавен интерес. Следствено, помагањето дома и на поширокото семејство не треба да се смета за волонтирање. Исто така и практикантската работа, како и студентската и ученичката пракса, не се волонтирање иако не се платени. Целите на тие активности се насочени кон стекнување практично искуство и вештини, односно подготовка за работа на лицето.

Драган Марковски од Мировен Корпус на настанот сподели детали од функционирањето на волонтирањето на американски државјани во други држави. Волонтерите од Мировен Корпус работат со заедниците на приоритетни локални проекти во областа на образование и економски развој. Во текот на нивниот престој тие ги учат и локалните јазици. Кратко излагање на македонски јазик имаше и една волонтерка на Мировниот Корпус од Америка која ги сподели своите лични позитивни искуства од своето волонтирање во Македонија.

„Со постојната законска регулатива, која треба да се измени и дополни како резултат на сознанијата од досегашната примена и стратешките документи за волонтерството, постојат предуслови за натамошно градење на културата на волонтирање во државата. Поради ова и во стратешките приоритети утврдени во Стратегијата за промовирање и развој на волонтерството (2021-2025) е предвидено поттикнување на културата на волонтирање во рамките на образовниот систем” изјави Мирјанка Алексевска. Таа дополни дека важен предуслов за градење на културата на волонитирање е постојано презентирање и промовирање на добри практики на група или поединци во пошироката јавност на национално и локално ниво.

Во дискусијата се констатираше дека законската рамка за волонтирање во државата ги има основните предуслови за непречено волонтирање на сите заинтересирани поединци и субјекти кои имаат интерес да вклучат волонтери, но за интензивирање на културата на волонтирање потребно е проактивна улога од страна на здруженијата на граѓани на локално ниво, институциите, стопанските субјекти , училиштата и секако соодветна мотивација на сите заинтересирани лица да имаат интерес да волонтираат во заедницата во која делуваат.     

Настанот беше организиран во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар    

Покана за учество на дебата „Дигитална трансформација на граѓанските организации”

Покана за учество на дебата „Дигитална трансформација на граѓанските организации”

Граѓанскиот ресурсен центар има чест да ве покани на онлајн дебатата „Дигитална трансформација на граѓанските организации“, која ќе се одржи на 21 октомври 2024 година (понеделник) со почеток од 12 часот на платформата ЗООМ. Целта на настанот е да се отвори дискусија...

Покана за консултации за измена на одлуката за формирање на Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество

Покана за консултации за измена на одлуката за формирање на Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество

Одделението за соработка со невладините организации на Генералниот секретаријат на Владата во партнерство со проектите финансирани од Европската Унија „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2” и „Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина...

Формирањето на Локален младински совет- предизвик за младите беровчани!

Формирањето на Локален младински совет- предизвик за младите беровчани!

„Формирање на Локален младински совет во нашата општина е предизвик со кој во моментов се соочуваме“ истакнаа претставниците на локалните организации и младите активисти од Берово, на средбата со тимот на Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ), која се одржа на 03 октомври...