ГРЦ во 2023

29 Дек 2023

Драги колеги, соработници и пријатели,

Дојдовме до крајот на првата година на проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија и спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанското општество Граѓански ресурсен центар, заедно со Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Асоцијација за демократски иницијативи (АДИ), Гостивар и Медиа плус, Штип..

Зад нас е година исполнета со активности за вас и од вас – граѓаните и граѓанските организации. Ни беше задоволство да соработуваме, се дружиме и информираме за случувањата во граѓанскиот сектор во 2023. Сметаме дека беше извонредно продуктивна година, иако прва од новата фаза, сепак исполнета од самиот почеток. Сакаме да дадеме краток осврт на оваа продуктивна година во која заедно изградивме простор за полесно и поефикасно делување на граѓанскиот сектор.

Комунициравме преку веб-страната, Facebook профилот, преку имејл, телефон, а честопати се сретнувавме и во некој од ресурсните центри во Скопје, Гостивар и Штип. На веб-страната објавивме 35 вести и повици, 12 прегледи со можности за финансирање и три извештаи од анализа. Анализите беа за Работата на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество во 2022 и за Учеството на јавноста во процесите на подготовка на закони во 2022. Дополнително, ја објавивме анализата на Мрежите на граѓански организации која беше дополнета со база на мрежи на ГО достапна на веб-страната. Facebook заедницата брои веќе повеќе од 3000 членови, а веб-страната беше посетена повеќе од 25.000 пати.

Една од алатките преку која информиравме беше испраќањето на имејл информации до преку 8000 контакти. Споделувавме информации и можности од ГРЦ, но и проследувавме информации од други ГО кои ни беа доставени за препраќање. Испративме речиси 100 имејл кампањи кои содржеа 12 месечни прегледи на можности за грантирање, 40 неделни и месечни прегледи од Огледало на Владата и преку 170 информации од и за граѓанските организации.

Развивме нова алатка – Инструмент за самооценка на организациските капацитети каде веќе 40 организации преку одговарање на онлајн прашалник, добија оценка на нивните капацитети во 10 области, а со тоа да добијат и можност за менторство со цел нивно подобрување. Веќе одржавме 5 менторски сесии со овие организации.

Ја дополнивме онлајн ГРЦ Академијата со три нови бесплатни обуки – за Добро управување, за Транспарентност и отчетност и за Стратешко планирање за граѓанските организации кои ги проследија веќе повеќе од 100 граѓани. Како продолжение на онлајн обуките организиравме и работилници на истите теми: за Планирање проекти и пишување на проектна апликација во Скопје и Штип, за Добро управување и Транспарентност и отчетност во Скопје и за Стратешко планирање во Гостивар, на кои   обучивме 99 претставници на граѓански организации.

На располагање на граѓанските организации во текот на годината им беа просториите во рамките на ресурсните центри во Скопје, Гостивар и Штип, но дадовме на располагање и онлајн простор преку ZOOM Pro со бесплатно користење за ГО. Во текот на годината добивме 201 барање за користење на простор во Скопје, Штип и во Гостивар, а за ZOOM добивме 25 барања.

Заедно со други чинители како Делегацијата на Европската Унија и Одделението за соработка со невладини организации, организиравме 11 дебати, информативни сесии и консултации: Онлајн консултации за Повик за предлози на граѓански и медиумски организации, Консултативни средби за Нацрт-Извештајот за спроведување на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество, Консултации за програмирање на ИПА III Инструмент за поддршка на граѓанско општество за периодот 2024-2025 година, информативни сесии за учеството на граѓанските организации во креирање политики, информативна сесија за Законот за заштита на личните податоци, онлајн консултации за Акцискиот план на ЕУ за родови прашања, дебати на тема Структуриран и одржлив дијалог меѓу граѓанското општество и институциите и „Културата на волонтирање – реалност или предизвик?

Во 2023 организиравме 8 Мобилни ресурсни центри во Крива Паланка, Тетово, Теарце, Ресен, Дојран, Демир Хисар, Пехчево и Македонски Брод. Преку нив, локалните организации беа информирани за случувањата во граѓанскиот сектор, за услугите на ГРЦ, добија можност да стапат во контакт и да започнат соработка со други организации, а исто така добија простор да го споделат нивното искуство и предизвиците со кои се соочуваат.

ГРЦ даде поддршка на граѓанските организации преку советодавни и консултативни услуги кои се постојано на располагање преку персонализирана поддршка, конкретни насоки и совети. Можност оваа година ја искористија 208 корисници.

Во новата година очекувајте и уште повеќе, портфолиото на услуги ќе се дополни и со грантирање, нови алатки за ГО, анализи, адресари и нови обуки кои ќе бидат креирани и достапни за Вас, граѓаните.

Ви посакуваме среќна и успешна нова година!

Тимот на ГРЦ

Спроведени консултации за Предлог-Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество и Акцискиот план 2025–2028

Спроведени консултации за Предлог-Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество и Акцискиот план 2025–2028

На 13 јуни 2025 година, во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје се одржа консултативна средба за финализирање на Предлог-Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество со Акциски план 2025–2028. Настанот беше организиран од...

Зголемени капацитети на граѓанските организации за дигитално собирање податоци со алатката KoboToolbox

Зголемени капацитети на граѓанските организации за дигитално собирање податоци со алатката KoboToolbox

На 11 јуни 2025 година, Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ), во соработка со организацијата Kobo Inc., организираше обука за дигитално собирање и управување со податоци, наменета за граѓанските организации. На обуката присуствуваа претставници од 26 граѓански...

Доделени 11 акциски грантови за поддршка на локалните избори 2025

Доделени 11 акциски грантови за поддршка на локалните избори 2025

Дванаесет граѓански организации се добитници на грант преку програмата „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансирана од Европската Унија, а ќе реализираат проекти насочени кон зајакнување на демократијата во државата преку подобрен изборен процес со...