Изминатите три години, Општината Ѓорче Петров практикува да ги објавува буџетските документи со потставки, со што ја зголеми транспарентноста во однос на конкретната намена на потрошените средства. Ова е еден од главните заклучоци од извештајот „Мониторинг на буџетските процеси во Општина Ѓорче Петров“, кој го подготвија Центарот за општествени истражувања и развој – Призма во партнерство со Форум – Центар за стратешки истражувања и документација, како дел од истоимениот проект финансиран од Граѓанскиот ресурсен центар.
Од аспект на анализирање на буџетот за 2019 година, реализиран е понизок степен на капитални приходи и расходи. Во 2020 година за истакнување е остварениот суфицит на општината, што е за пофалба и е реткост во работата на единиците на локалната самоуправа во нашата држава. Една од забелешките по ова прашање е разликата меѓу планираните и реализираните средства низ годините, односно понискиот износ на реализираното од планираното. Ова доведува до заклучокот дека ефективноста, како едно од главните буџетски начела, не се почитува при подготвувањето и извршувањето на буџетите.
Општината редовно ги објавува буџетските документи, меѓутоа често со задоцнување. Главна забелешка околу достапноста на овие документи е што тие поретко се објавуваат издвоено на веб страната на општината и тоа ги прави помалку достапни за граѓаните.
Извештајот беше презентиран на 23 септември 2020 во Граѓанскиот ресурсен центар – Скопје. Настанот го модерираше Слаѓан Пенев, извршен директор на Форум ЦСИД и ментор на истражувањето, а истражувачите од здружението Призма, Владо Анчев и Димитар Илчов, ги презентираа податоците од мониторингот. Извештајот има за цел да се подобри степенот на информираност за транспарентноста на буџетските процеси во конкретната општина.
Форум-ЦСИД во рамките на овој проект организираше две обуки за претставниците на организацијата ЦСРД Призма за потребите на зајакнување на капацитетите за генерирање фондови и за спроведување мониторинг на буџетските процеси во општините. Покрај тоа, во текот на десет месеци обезбеди менторска моддршка за членовите на тимот кои го спроведоа истражувањето според методологијата за буџетски мониторинг развиена од Форум ЦСИД.
Проектот „Мониторинг на буџетските процеси во oпштина Ѓорче Петров“ се спроведуваше во рамките на програмата „Национален ресурсен центар за граѓански организации“ имплементирана од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Асоцијација за демократски иницијативи (АДИ) од Гостивар и Медиа Плус од Штип, а финансирана од Европската Унија.