View Categories

I. Развој на проектна идеја

6 min read

Имате проектна идеја

Запишете си ја вашата проектна идеја. Опишете ја во 2-3 реченици заедно со клучниот проблем кој планирате да го адресирате. Ова ќе ви помогне понатаму при процесот на проверка.

1. Дали сметате дека вашата проектна идеја, онака како што ја формулиравте, се однесува на клучно прашање (проблем) на целната група?

А. Да, ова е клучен проблем за нашата целна група

  • Можете да поминете директно на прашање 2

Б. Не

Проверете за да осигурате дека вашата проектна идеја адресира некое клучно прашање/ проблем на целната група со која работи вашата организација:

  • проектот ќе адресира постоечки, реален и суштествен проблем со кој се соочува целната група
  • решавањето на овој проблем е една од главните грижи на целната група
  • целната група има потврдено (на пример преку претходни консултации) дека тоа е нејзин клучен проблем
  • решавањето на овој проблем ќе носи значаен и долгорочен бенефит за целната група
  • решавањето на овој проблем ќе придонесе кон решавање и на други проблеми на целната група

2. Дали направивте анализа на засегнати страни? Односно дали утврдивте листа на чинители кои се засегнати од проблемот кој сакате да го адресирате?

А. Да

  • Добро е да си ја напишете листата на засегнати страни наведувајќи ги сите чинители поединечно
  • Можете да поминете директно на прашање 3

Б. Не

Проверете како да направите анализа на засегнати страни:

  • засегнати страни можат да бидат лица/индивидуалци, групи, институции, организации
  • засегнати страни се сите оние кои се директно и индиректно засегнати со проблемот (целни групи), како и оние кои можат да придонесат кон негово решавање
  • за засегнатите страни кои можат да придонесат кон решавање на проблемот, анализирајте колку се влијателни и проценете на кој начин би можеле да ги вклучите во проектот  (пример како партнери или соработници)

3. Дали направивте анализа на проблемот? Односно дали ги утврдивте причините кои водат до проблемот и последиците од истиот? Дали подготвивте дијаграм на проблеми?

А. Да, имаме направено анализа на проблемот заедно со дијаграм на проблеми

  • Можете да поминете директно на прашање 4

Б. Не

Проверете како можете да направите анализа на проблеми –дијаграм на проблеми:

  • клучниот проблем се наоѓа во фокусот на вашата анализа и се бараат другите проблеми кои се причина за истиот, како и последиците од тој проблем
  • сите проблеми се формулираат кратко, јасно и конкретно, со факти и избегнување општи формулации
  • се бара меѓусебната поврзаност на проблемите одејки од причините кон последиците
  • поврзаноста на проблемите се визуелизира преку дијаграм на проблеми

4. Дали во анализата на проблеми има јасна логика, односно е очигледна поврзаноста на причините со последиците на повисоко ниво?

А. Да, поврзаноста на проблемите во дијаграмот е јасна и очигледна

  • Можете да поминете директно на прашање 5

Б. Не

Проверете дали имате јасна и логична поврзаност во дијаграмот на проблеми:

  • секој проблем од пониско ниво треба да претставува јасна причина за проблемот со кој е поврзан на следното ниво
  • пример: „младите не практикуваат доволно физички активности“ е директна причнина и води до „прекумерна тежина кај младите луѓе“
  • пример на дијаграм на проблеми

5. Дали анализата на проблеми ја претворивте во анализа на цели?

А. Да имаме направено анализа на цели заедно со дијаграм на цели

  • Можете да поминете директно на прашање 6

Б. Не

Проверете како можете да направите анализа на цели – дијаграм на цели

  • дијаграмот на цели произлегува од претходно подготвениот дијаграм на проблеми
  • сите проблеми се преформулираат во веќе остварени состојби – цели
  • пример проблемот: „прекумерна тежина кај младите луѓе“ префромулиран во цел гласи: „младите луѓе имаат нормална телесна тежина“
  • се проверува меѓусебната поврзаност во дијаграмот одејки од активностите кон придобивките и ефектите
  • поврзаноста на целите се визуелизира преку дијаграм на цели

6. Дали има јасна и логична поврзаност на целите?

А. Да, поврзаноста на целите во дијаграмот е јасна и очигледна

  • Можете да поминете директно на прашање 7

Б. Не

Проверете дали имате јасна и логична поврзаност во дијаграмот на цели:

  • секоја цел од пониско ниво треба да придонесува кон постигнување на целта со која е поврзана на следното ниво
  • пример: „младите практикуваат доволно физички активности“ треба да води до тоа да „ младите луѓе имаат нормална телесна тежина“
  • доколку не постои јасна и директна поврзаност треба да се преработи и дополни дијаграмот со елементите кои недостасуваат
  • пример на дијаграм на цели

7. Дали во дијаграмот на цели можете да идентификувате стратегии/пристапи со кои би ја постигнале главната цел од анализата? Колку?

А. Да

  • Забележете си колку стратегии имате идентификувано и напишете наслов за секоја стратегија
  • Можете да поминете директно на прашање 8

Б. Не

Проверете како да ги идентификувате различните стратегии:

  • проектните стратегии произлегуваат од дијаграмот на цели и претставуваат пистап кој треба да води до постигнување на клучната цел
  • вообичаено една стратегија се идентификува и се поврзува со една или повеќе гранки во дијаграмот на цели
  • пример на стратегии-групи на цели

8. Дали избравте ваша стратегија/ии која ќе биде дел од проектот?

А. Да

  • Запишете си го насловот на стратегијата која ја избравте
  • Можете да поминете директно на прашање 9

Б. Не

Проверете како да ја изберете најсоодветната стратегија за вашиот проект:

  • изборот на стратегијата за вашиот проект треба да го базирате на неколку критериуми: релевантност на стратегијата (придонес кон клучната цел, бенефит за целната група, комплементарност со други проекти), изведливост (финансиска, техничка, економска исплатливост), оддржливост (придонес кон институционалното јакнење, влијание на животната средина)
  • при изборот е клучно да се земе предвид оптимална рамнотежа меѓу критериумите, односно да се избере стратегија која суштински придонесува кон постигнување на посакуваната цел, надополнува веќе постоечки иницијативи, изведлива е по разумна цена и носи одржлив и долгорочен бенефит
  • исто така многу е важно да водите сметка и реално да ги процените сопствените капацитети и во колкава мера имате знаење и вештини, или пристап до истите, за да можете да ја спроведете избраната стратегија

9. Дали вашата проектна идеја и избраната проектна стратегија е поврзана со вашата организациска стратегија? Кон која стратешка цел ќе придонесе проектот?

А. Да

  • Напишете си ја стратешката цел од вашата организациска стратегија кон која ќе придонесе вашиот проект
  • Можете да поминете директно на прашање 10

Б. Не

Проверете како да осигурате дека со проектот работите кон остварување на вашата организациска стратегија:

  • клучното прашање кое секогаш треба да си го поставите при развој на нова проектна идеја е дали со тој проект придонесувате кон остварување на некоја од вашите програмски стратешки цели и во колкава мера, односно дали со спроведување на проектот ќе бидете чекор поблиску кон оставрување на таа долгорочна цел
  • покрај целта на проектот треба да земете предвид и дали начинот на кој истиот ќе биде спроведен е во линија со вашите организациски принципи, вредности и убедувања
  • организациската стратегија е рамката во која треба да се вклопи секој ваш проект, доколку тоа не е случај тогаш треба да ја напуштите идејата за проектот дури и доколку за истата има можност за финансирање
  • прифаќање и спроведување на проекти кои не се во согласност со вашата стратегија само го одвлекуваат фокусот на организацијата од нејзината суштинска мисија, непродуктивно ги ангажираат незините човечките капацитети, водат до конфузен јавен имиџ на организацијата и и нанесуваат штета на долгорочен план
  • исклучок од овие правила е оправдан само во вонредни околности на природни непогоди и хуманитарни кризи каде ангажманот на вашата организација би можел да биде од помош 

10. Дали во анализата и развојот на проектната идеја го вклучивте мислењето на директно засегнатите целни групи?

А. Да, целните групи беа вклучени во процесот

  • Можете да поминете директно на прашање 11

Б. Не

Проверете како можете да осигурате вклученост на мислењето на целните групи

  • дури и кога во вашата организација имате одлично познавање на состојбите и ситуацијата во однос на клучниот проблем, треба да осигурате дека го имате земено предвид мислењето на целните групи
  • мислењето на целната група може да го добиете на повеќе начини: интервјуа, анкети, фокус групи, јавни дебати, претходни истражувања и анализи итн.
  • важно е целните групи да бидат консултирани заради правилно идентификување и анализа на проблемите, но исто така и заради проверка на идејата за проектот и добивање на нивната поддршка и вклученост во натамошните фази од проектот

11. Дали ја консултиравте вашата анализа и идејата за проектот со другите клучни чинители?

А. Да, клучните чинители беа вклучени во процесот

Можете да поминете директно на Резиме

Б. Не

Проверете како можете да ги консултирате клучните чинители

  • како и за целните групи, така и со клучните чинители е важно да се консултирате за да ја видите нивната перспектива во однос на клучниот проблем и идејата за проектот
  • мислењето на клучните чинители може да го добиете на повеќе начини: интервјуа, анкети, фокус групи, состаноци, јавни дебати, претходни истражувања и анализи итн.
  • важно е клучните чинители да бидат консултирани и вклучени уште во овие рани фази на проектот со цел да изградите поддршка за негово спроведување и да ги идентификувате потенцијалните соработници и партнери

РЕЗИМЕ

Следејќи ги доследно чекорите предвидени за равој на проектна идеја се осигуравте дека ги имате земено предвид клучните принципи важни за овој процес и може да поминете кон подетално планирање на проектот и подготовка на логичка рамка.