1. Дали вашата организација е подобна/соодветна да аплицира на повикот?
А. Да, согласно на дадениот опис во повикот нашата организација е соодветен апликант (Можете да поминете директно на прашање 2)
Б. Не. Осигурајте се дека сте ги направиле сите проверки во врска со подобноста на организацијата за аплицирање:
- најпрвин треба да осигурате каква правна форма е соодветна за аплицирање- здружение, фондација итн.
- покрај правната форма, проверете дали има некои други барања како на пример години на постоење, висина на годишен буџет на организацијата, локација на главната канцеларија, регион на делување и сл.
- доколку утврдите дека вашата организација е неподобна за аплицирање во улога на водечка организација, проверете дали може да се јавите во улога на партнер и размислете дали можете да најдете организација кој ќе ги задоволи барањата за подобност, а со која може да ја развивате понатаму вашата проектна идеја и да аплицирате заеднички
2. Дали вашата проектна идеја се поклопува со некој од приоритетите на повикот?
А. Да, има поклопување со приоритетите на повикот (Можете да поминете директно на прашање 3)
- Добро е да си запишете со кој приоритет од повикот се поклопува вашата проектна идеја и да појасните на кој начин
Б. Не. Како да проверите во колкава мера имате поклопување со приоритетите на повикот:
- проценката на усогласеноста на вашата проектна идеја со приоритете на повикот е поврзана со проверка на релевантноста и е критериум кој при оценувањето на апликациите носи значаен удел во бодувањето на апликацијата
- за да ја осигурате релевантноста треба да проверите во колкава мера целите на вашиот проект се поклопуваат и придонесуваат кон приоритетите на повикот
- покрај тоа е важно во апликацијата да биде јасно и очигледно кои се проблемите и потребите кои ќе бидат адресирани и дека вашиот проект нуди соодветен пристап кон нивно решавање
3. Дали активностите во вашиот проект одговараат на тие кои се препорачани во повикот?
А. Да предложените активности се согласно на барањата во повикот (Можете да поминете директно на прашање 4)
Б. Не. Осигурајте се дека имате предложено соодветни активности:
- често пати во повиците е дадена листа на препорачани/подобни активности, па водете сметка да го понудите тоа што се бара
- некогаш во повикот е јасно назначено кој тип на активности е целосно неприфатлив (пример активности надвор од државата), па бидете внимателни да ги задоволите таквите барања
- доколку вашите првично планирани активности се несоодветни во однос на барањата, а од друга страна проектот е релевантен и води кон приоритетите од повикот размислете како да ги промените и прилагодите активностите при што би ги постигнале истите поскувани цели
4. Дали буџетот испланиран во проектот одговара на рамката и условите предвидени со повикот?
А. Да предложениот буџет е во согласност со условите во повикот (Можете да поминете директно на прашање 5)
Б. Не. Осигурајте се дека предложениот буџет е соодветен:
- вкупната сума на буџетот мора да биде во зададената максимална рамка
- покрај максималната дозволена сума водете сметка за годишниот буџет на организацијата и соодветно усогласете го вашето барање за да одговара на реалните капацитети и можности на организацијата
- пресметките на поединечните буџетски ставки направете ги согласно зададените упатства во повикот
- проверете и осигурајте да не вклучувате неподобни трошоци, односно трошоци за кои донаторот навел дека се неприфатливи (пример многу често трошоци за финансирање на индивидуално учество на обуки и конференции се неприфатливи)
- осигурајте дека на страната на приходите имате реални и остварливи проекции, особено доколку се бара ваше сопствено учество
5. Дали во повикот се бара да аплицирате во партнерство, дали најдовте партнер и дали ги обезбедивте потребните документи за таа цел?
А. Да имаме партнер и ги подготвивме потребните документи во врска со партнерството (Можете да поминете директно на прашање 6)
Б. Не. Осигурајте се дека партнерството сте го воспоставиле на најсоодветен начин:
- во некои повици патнерството е задолжително, па мора да осигурате дека сте обезбедиле партнер
- треба да проверите дали партнерот ги задоволува предвидените критериуми од повикот (често пати барањата за партнерите се идентични со оние за апликантот)
- дури и кога партнерството е само препорачано од донаторот или оставено како можност за избор, размислете дали е добро да настапите во партнерство и дали тоа ќе и му даде дополнителна вредност на проектот
- учеството на партнерот во проектот треба да биде суштинско и од апликацијата треба да биде јасно кој за што ќе биде задолжен и каков капацитет и ресурси вложува
- најдобро е партнерите да бидат вклучени уште во дизајнирањето и подготовката на апликацијата, кое освен што ќе го подобри квалитетот на самата апликација ќе помогне и во споделување на очекувањата меѓу партнерите
- во повиците често пати се бара да се приложи и изјава за партнерство, а може да се подготви и договор за партнерство кој ги регулира односите меѓу партнерите во случај да биде одобрена апликацијата
6. Дали апликацијата ја пополнивте во бараниот формат и согласно на дадените упатства?
А. Да апликацијата е во зададениот формат и во линија со барањата (Можете да поминете директно на прашање 7)
Б. Не. Осигурајте се дека апликацијата сте ја подготвиле онака како што е побарано:
- доколку донаторот има зададено формат треба задолжително да се следи истиот
- следењето на форматот подразбира да се запазат сите технички барања (фонт, проред, број на зборови по секција итн.) и да се даваат релевантни одговори согласно на насоките за секоја секција
- доколку донаторот нема зададено формат тогаш треба сами да дадете форма и структура на апликацијата осигурувајќи дека таа ги содржи клучните елементи: опис на проблемот, целна група и корисници, цели и резултати на проектот, методологија, план за спроведување итн.
7. Дали осигуравте дека покрај апликацијата ги подготвивте сите други барани прилози и информации?
А. Да документацијата е целосна (Можете да поминете директно на Резиме)
Б. Проверете на што треба да внимавате при подготовката на документацијата
- проверете дали ја имате подготвено целокупната документација која се бара со повикот (покрај апликацијата) и дали истата ги содржи сите побарани информации
- често пати во повикот е дадена и листа за проверка (check list) која ви олеснува да не пропуштите некој важен документ
- внимавајте форматот на овие документи и начинот на кој се доставени да биде согласно на барањата
- онаму каде е дозволено придружната документација доставувајте ја електронски, а во многу случаи доволно е да дадете само линк до потребните документи и податоци
Резиме
Следејќи ги доследно основните чекорите предвидени за подготовка на апликација се осигуравте дека ги имате земено предвид клучните принципи важни за овој процес. Со оглед на тоа што секој повик е единствен, покрај овие општи принципи задолжително внимателно читајте ги повиците и целокупната придружна документација за да осигурате дека ќе подготвите релевантна и квалитетна апликација.
Ви посакуваме успех во планирањето на проектите и вашите идни проектни апликации.